Ристовски: Ученици ќе добиваат бесплатно подучување од студенти тутори

Учениците од шесто до деветто одделение и од средното образование, од септември ќе може да добиваат бесплатни дополнителни часови по одредени предмети од страна на студенти тутори, соопшти заменик-министерот Спиро Ристовски. МОН го најави проектот „Интерактивен портал за тутори“ на кој ќе може да се пријавуваат студентите со минимум просек 8, за да им даваат дополнителни часови на ученици.

„Интерактивниот портал за тутори е системска платформа која предвидува студенти волонтери на доброволна основа да се пријавуваат и да обезбедуваат бесплатни дополнителни часови по соодветни предмети за учениците од основното образование од шесто до деветто одделение и од средното образование, кои имаат потреба од дополнителна поддршка и помош за одредена материја, односно во одредена образовна област“, рече Ристовски.

Родителите на учениците ќе бидат тие кои ќе избираат кој студент ќе им биде тутор на нивното дете и за кој предмет им е потребно дополнителна настава.

Студентите тутори ќе можат да се пријавуваат за одржување на часови по одреден предмет или група предмети, но притоа, ќе можат да подучуваат најмногу по четири предмети, односно најмногу четири ученици по еден предмет.

Оние студенти тутори кои кај најмалку два ученика ќе иницираат повисока оценка и резултати по соодветниот предмет во тековната година, споредбено со минатата, ќе добијат дополнителни 10 поени при аплицирањето за студентски стипендии.

За да стане тутор, студентот мора да исполнува одредени услови. Треба да биде редовен студент, да има просек од минмум осум по предметот или предметите за кои се пријавува да подучува, да има препорака од еден или повеќе професори кои му предаваат соодветен предмет и го предложуваат како студент подобен за тутор.

Пријавувањето на студентите, потенцијални тутори ќе се одвива во текот на месец септември. Проверката на нивната документација и директните интервјуа со комисијата ќе се реализираат до средината на октомври. Изборот на тутор од страна на родителите ќе може да се направи до крајот на октомври, соопшти Ристовски.