Ристовски: Построги критериуми за избор на директори и наставници

Министерството за образование и наука и Синдикатот за образование, наука и култира (СОНК) иницира изработка на две нови законски решенија.

Првиот предлог-закон е за обука и испит на директор за основно, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење. Вториот предлог-закон е за стручен испит на наставник, стручен соработник и воспитувач во основно, средно училиште и ученички дом.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски на денешната прес-конференција истакна дека овие две законски решенија веќе се усвоени од Владата, а во текот на следната недела ќе се најдат во собраниска расправа.

Првиот предлог-закон, според Ристовски, ќе обезбеди еднакви услови за квалитетна обука и полагање на испитот за директор, транспарентност во полагањето и поквалитетен менаџерски кадар во образовните установи.

Секој кандидат за директор ќе треба да помине основна обука, по што ќе го полага испитот со кој ќе биде проверена неговата стручна оспособеност за раководење и организирање на работата во училиштата.

Кандидатот кој успешно ќе ја заврши основната обука за директор, ќе се стекне со право на полагање испит, ќе треба да достави пријава до Државниот испитен центар, кој пак, формира Испитна комисија. Испитот за директор ќе се полага два часа и ќе состои од три дела. Првиот и вториот дел се однесуваат на практична проверка на компјутерски вештини, проверка на способноста за примена на теоретските знаења и презентација.

Кандидатите ќе треба да одговорат точно на минимум 80 отсто од вкупно 50 прашања кои по случаен избор ги одбира електронскиот софтвер во чија база ќе има 300 прашања. Успешноста во првите два дела е виза за полагање на третиот дел, одбрана на завршниот семинарски труд на тема којашто исто така, ја избира електронскиот систем од базата на теми.

Стекнатото уверение престанува да важи ако кандидатот не биде избран за директор во период од пет години, од денот на издавање на уверението. Доколку се случи тоа, кандидатот по петтата година ќе треба да ја повтори целата постапка.

Вториот предлог-закон предвидува полагање испит за кандидатите кои го завршиле приправничкиот стаж во училиште и имаат позитивна потврда за процена на карактеристики за подобност со работа со деца и адолесценти во воспитно-образовната дејност. Испитот треба да се положи во рок од шест месеци, а најдоцна една година по завршувањето на приправничкиот стаж. На кандидатите кои ќе го положат испитот ќе им се издаде лиценца.

За кандидат-наставник, испитот ќе се состои од три дела-теоретски или проверка на теоретското знаење, практичен или проверка на способноста за одржување на наставен час и подготовка и одбрана на зададена домашна писмена работа заради проверка на стручното знаење. Испитот за кандидат-стручен соработник и воспитувач се состои од два дела-теоретски и подготовка и одбрана на зададена домашна писмена работа.

Испитите ќе се полагаат според програма која содржи стручна материја, прописи и правна литература, а ќе се реализираат од страна на испитни комисии формирани од министерството.