Ристовски: Младите во Македонија немаат доволно желба за работа

Ристовски: Младите во Македонија  немаат доволно желба за работаМладите во Македонија немаат доволно желба за работа и пребираат работни места, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски за време на панел дискусијата посветена на начините како да се намали младинската невработеност во Европа.

„Не ја прифаќам констатацијата дека во Македонија тешко може да се најде работно место, туку е проблем да се ангажираат дел од луѓето да прифатат да бидат работно ангажирани. Факт е дека голем број граѓани одбиваат и пребираат работни места. Јас не велам дека секој треба да прифати да биде работно ангажиран на несоодветни работни места, но очекувам многу поголема активација кај младите за добивање што подобро и поквалитетно работно место“, изјави министерот Ристовски.

Од Агенцијата за вработување информираа 40 отсто од младите на возраст до 29 години се невработени.

„Многу млади луѓе се многу крути во своето барање. Бараат место во својот образовен профил, иако за тоа немаат соодветно работно искуство кое би го покажале кај работодавците“, изјави директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Во извештајот насловен „Глобални трендови за вработеноста кај младите – 2013“, се посочува дека голем дел од високообразованите млади луѓе во Македонија мораат да се решат за работни места за кои тие се премногу квалификувани, како на пример, службеници, продавачи или општи работници. Од друга страна, голем е бројот и на младите луѓе кои работат на позиции кои не се совпаѓаат со нивното ниво на образование.

Дополнително загрижува и фактот што стапката на невработеност кај младите луѓе што активно бараат работа во Македонија е 58%. Ова е втора највисока стапка на младинска невработеност во Европа, а воедно е и двојно повисока од просечната стапка на невработеност во земјава, во изјава за  Телма, истакнуваат од Младинскиот Образовен Форум.