Ристовски: Ќе се казнуваат злоупотреби во студентските домови

Ристовски: Ќе се казнуваат злоупотреби во студентските домовиСместувањето во студентските домови ја заврши првата фаза согласно законската постапка во која апликациите ги поднесуваа студенти од втора, трета и четврта година. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за образование и наука, Спиро Ристовски одговарајќи на новинарско прашање.

Додаде дека се пристигнати над 5.000 апликации за студентските места во сите студентски домови во Македонија и оти од 19 август продолжува аплицирањето на бруцошите.

„Апелирам до раководството во студентските домови, до надлежните управители и комисијата што ќе селектира, а истовремено да порачам до јавноста дека оваа година максимум ќе дадеме од себе за целиот процес биде исклучително транспарентен и да се намалат сите шпекулациите за ургенции, влијанија и неправилна распределба на студентските места“, истакна Ристовски.

Според него, единствен критериум ќе биде законскиот. „Секој што ги исполнува критериумите ќе добие место во студентскиот дом, а тие што не ги исполнуваат услови нема да добијат. Доколку се констатира дека некој ја злоупотребил својата позиција ќе биде соодветно санкциониран, а не е исклучено и негово разрешување“, додаде Ристовски.