Ристовски: ФИНКИ ќе добие своја зграда

Во текот на наредната година се очекува да почне изградба на зграда за потребите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), најави денеска министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Ристовски: ФИНКИ ќе добие своја зграда

За локацијата има две предлог варијанти, но одлуката за тоа, како и за идејното решение, ќе биде соопштена дополнително, пренесе МИА.

– Во најскоро време ќе почне изградбата на објект и ќе биде една од најсовремените и најнови згради соодветно на потребите на факултетот и со сосема доволни просторни услови за да се задоволат потребите на огромниот број студенти, кои имаат интерес да се запишат на овој факултет, изјави Ристовски, одговарајќи на новинарски прашања на свеченоста по повод одбележувањето три години од основањето на ФИНКИ.

ФИНКИ е основан во 2011 година, како продолжение на традицијата на Институтот за информатика при Природно математичкиот факултет и Институтот за компјутерска техника и информатика при Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Факултетот денеска одбележа тригодишен јубилеј од основањето а досега во него се запишале 3.000 студенти. На факултетот се инсталирани 11 лаборатории, што се користат за научно-истражувачка и за апликативна дејност. Лабораторијата за еко-информатика, според најавите, наскоро ќе биде акредитирана од Институтот з аакредитација и ќе нуди услуги и на бизнис секторот.

Според деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов, со запишани 3.000 студенти ФИНКИ во изминатите три години бележи големи резултати.

– За оваа учебна година се запишани 700 нови студенти со што всушност проектот за формирање посебен факултет за информатички науки и компјутерско инжинерство се покажа како успешен. Уште повеќе во насока на студирање на технички факултети, избирање професија што значи полесно добивање работа и креирање инжинери кои понатаму ќе ја подигнат македонската ИТ индустрија, изјави Трајанов.