Ристиќ: Според СОНК сум неподобна, избран друг синдикален лидер на Драмски

Режисерот Сашо Миленковски е новиот претседател на синдикатот на Драмски театар, откако претходниот избор на актерката Ирена Ристиќ бил поништен, информираше Ристиќ преку социјалните мрежи.

Според неа, изборот бил прогласен за нерегуларен, бидејќи од СОНК сметале дека таа е неподобна за тоа место.

Ристиќ за Радио МОФ вели дека актерката која претходно била претседател на синдикатот на Драмски си дала оставка, по што на состанокот кој се одржал на 2 јуни сосема неочекувано колегите ја предложиле неа за нов синдикален лидер. Одлуката била изгласана од сите 27 присутни.

„Започнав подготовки за следните активности на синдикатот и закажавме нов состанок, како продолжение на претходниот. Но наместо продолжување на работата, на овој состанок добивме писмо од СОНК во кое се вели дека не може да бидам претседател, бидејќи е прекршен член 16 од статутот на синдикатот, како и дека биле поднесени четири приговори поради моите активности. Присуствуваше и претставничка на СОНК, која кажа дека тие имале индиции дека сум неподобна“, ни изјави актерката.

Според неа, голем дел од присутните реагирале на ваквите квалификации и поништувањето на изборот, но сепак на крајот бил изгласан Миленковски.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков пак, за Радио МОФ вели дека прв пат слуша за превирањата на Драмски и нема информации за случајот.

„Ова првпат го слушам, немам информација, не сум слушнал дека имало превирања на Драмски. Во тек се избори на синдикалните организации, на ниво на цела Македонија“, рече Неделков.

На прашањето на Радио МОФ дали првично Ирена Ристиќ била избрана како претседател на синдикалната организација Неделков одговори дека не знае кој се е избран.

„Ако има некакви нерегуларности, може да се приложат жалби, но од толку синдикални организации, немам информации кој е избран“, додаде тој.

Според актерката Ристиќ, на писмото кое СОНК го упатиле до претходната претседателка на синдикалната организација при Драмскиот театар, кое таа го испрати до нашата редакција, стои потписот на Неделков.

„Во приговорите наведено е дека кандидатот што бил ставен на гласање пред присутните, со свои активности „доколку тоа не биде оспорено, грубо го прекршил членот 16 од Статутот на СОНК и согласно член 13, став 2 од Статутот на СОНК за такво кршење на Статутот предвидена е мерката исклучување од СОНК и секако дека не може да стане збор за можноста за избор на било кое одговорно место во рамките на СОНК“, се вели во писмото.

Ристиќ: Според СОНК сум неподобна, избран друг синдикален лидер на Драмски

Ристиќ: Според СОНК сум неподобна, избран друг синдикален лидер на Драмски

К.О.