Ријека и Голвеј се престолнини на европската култура во 2020

Ријека во Хрватска и Голвеј во Ирска ќе ја делат титулата „Европска престолнина на културата” во 2020 година, а ја преземаат од италијанскиот град Матера и бугарскиот Пловдив кои изминатава 2019 ја славеа културата на Европа.

Целогодишната програма на Ријека ќе се реализира под мотото „Пристаниште на различности” и ќе поставува актуелни европски културно-општествени прашања. Три главни програмски теми се водата, работата и миграциите, како симболи на испреплетувањето на идентитетот на Ријека и современа Европа. Официјалното отворање на програмата е на 1 февруари, а во цела 2020 се планирани повеќе од 600 настани. Во подготвувањето се вклучени над 250 партнерски организации и учество на уметници од 40 земји од Европа и од светот.

И програмата во Голвеј, град на западниот брег на Ирска, официјално ќе почне на 1 февруари и под слоганот „Нека влезе магијата” ќе трае до крајот на јануари 2021.

Најавени се повеќе од 1.900 настани со учесници – партнерски организации од 30 земји. Ќе се одржуваат во градот Голвеј, како и и во околните села и острови, и ќе се совпаѓаат со четирите огнени сезони на античкиот келтски календар. Темите на кои е фокусирана програмата се јазикот, пејзажот и миграцијата.

Европската Комисија секоја година одредува почесен домаќин на проектот „Европска престолнина на културата”. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на стариот континент. Целта е да се промовира чувството на заедништво во ЕУ.

Во 2021 титулата треба да ја делат три града – романскиот Темишвар, грчкиот Елефсина и српскиот Нови Сад, во 2022 – литванскиот Каунас и Еш во Луксембург, во 2023 – унгарскиот град Веспрем.