Рига и Умео – престолнини на европската култура во 2014-та

Главниот град на Летонија – Рига и шведскиот град Умео ќе ја делат титулата „Европска престолнина на културата“ во 2014 година. Ја преземаат од францускиот Марсеј и словачкиот Кошице кои во 2013 го славеа европското културно наследство.

Рига и Умео – престолнини на европската култура во 2014-та

Рига, главниот град на Летонија, е клучен индустриски, трговски, финансиски и културен центар во балтичкиот регион. Познат е историскиот центар на градот со градби во стилот арт нуво и дрвена архитектура, кој е впишан на листата на светско културно наследство на УНЕСКО. Мултикултурата е одлика на градот од даменшни времиња, кога таму заедно живееле луѓе од различни нации – Летонци, Германци, Полјаци, Руси, Швеѓани, Финци… Програмата, која е објавена на www.liveriga.com, ќе опфати стотици специјално подготвени настани.

Умео се наоѓа 600 км северно од Стокхолм и е најсеверен град кој досега бил домаќин на културата на стариот континент. Негови адути се екстремната природна убавина и контрастите – од лета во кои сонцето грее речиси 24 часа на ден до нордиски зими со познатата северна светлина. Умео е најголем и универзитетски град во северна Шведска. Над половина од луѓето кои живеат таму се надвор од регионот. Се зборуваат над 50 јазици во големиот број клубови кои претставуваат култури од цел свет. Културната програма е објавена на следниот линк.

Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на овој проект. Традицијата почна во 1985 година, кога Атина беше културна престолнина на стариот континент. Целта е да се промовира чувството за заедништво во ЕУ, но на лауреатот тоа му носи и пари од европските фондови, со што земјите можат да финансираат големи проекти и програми од областа на културата. Критериум за избор е подготвеноста на градот да ги организира случувањата кои траат цела календарска година.

За изборот решава независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката се донесува четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на ЕУ. Во 2015 престолнини на културата на Европа ќе бидат Монс (Белгија) и Плзен (Чешка), во 2016 – Сан Себастијан (Шпанија) и Вроцлав (Полска), во 2017 – Орхус (Данска) и Пафос (Кипар).