Режисерот на документарниот филм за „Мекдоналдс“, Морган Спарлок почина од рак

Морган Спарлок, американскиот режисер на документарни филмови кој се прослави со филмот за брза храна „Јас во суперголемина“ (Super Size Me), почина од рак на 53 години, пишува „БиБиСи“

Во својата кариера Морган  режираше повеќе од 20 филмови, вклучувајќи ги „Каде е Осама бин Ладен?“ од 2008 и „Тоа сме ние“ за турнејата на британскиот поп-бенд „Уан дајрекшн“ во 2013.

Во 2005 година, Спарлок беше номиниран за Оскар за најдобар долгометражен документарец за „Јас во суперголемина“, во кој еден месец јадеше само храна од „Мекдоналдс“ за да го тестира нејзиното влијание врз здравјето.

Експериментирајќи на себеси цели 30 дена, Спарлок се здебелил 11 килограми откако јадел само бургери и пиел големи количини „кока-кола“, па лекарите на крајот му кажале дека си го загрозува здравјето. 

По излегувањето на филмот, „Мекдоналдс“ објави соопштение во кое го бранеше своето мени и го осуди филмот како нереалистичен. Истата година, компанијата  го исфрли бургерот „супер сајз“ од менито.