Режисерот Иван Поповски ја доби националната театарска награда на Русија „Златна маска“

Македонскиот театарски режисер Иван Поповски, кој повеќе од 20 години живее и работи во Русија, ја доби наградата „Златна маска за претставата „Сонот на летната ноќ“, на театарот „Работилницата П.Н. Фоменко“, која е прогласена за најдобра претстава на годината во Русија.

Руската национална театарска награда „Златна маска“ е основана во 1993 година од страна на Унијата на театарските работници (дејци) на Руската Федерација и се доделува за најдобрите остварувања на сезоната во сите жанрови на театарската уметност: драма, опера, балет, модерен танц, куклен театар, оперета и мјузикл.

Номинираните за наградата „Златна маска“ – 2016 беа избрани од страна на Стручен совет, составен од 22 члена, театролози и критичари. Формирајќи ја листата на кандидати, експертите за музички театар гледаа 230 претстави во театрите и на видео, експертите за драмски театар и театар на кукли – 544 претстави во Москва, во Санкт Петерсбург и во уште сто руски градови. Стручниот совет формираше поширока листа на претстави номинирани за наградата „Златна маска“. Листата на најзначајните остварувања за сезоната 2014/2015 беше објавена на веб-страницата на „Златна Маска“. Во 212 номинации беа претставени 54 театри.

Тука заврши работата на стручните совети, а започна работата на жиријата. Жирито за драма и куклен театар беше составено од 15 члена, а за музички театар и балет од 18 члена. Членовите на жиријата се режисери, актери, театролози, критичари, сценографи, диригенти, композитори.

Сите номинирани претстави се играат на Фестивалот „Златна маска“ во Москва, а кулминација на целиот процес е Свечената церемонија на прогласување на победниците и доделување на наградите која е, воедно, главниот театарски настан на годината.