Режисерот Ходоровски стартува нова краудфандинг кампања за да го заврши филмот „Psychomagic“

Филмот „Psychomagic, an art that heals“ („Психомагија, уметност која лечи“) e снимен, но режисерот надреалист Aлехандро Ходоровски преку нова краудфандинг кампања собира средства за довршување на постпродукцијата на неговото очекувано филмско дело.

„Како што побараа нашите фанови, ние повторно започнуваме кампања за да го завршиме филмот и да ви понудиме исклучителни визии, вклучувајќи и видео запис со тарот карти од Ходоровски“, се вели во видеото за поддршка на краудфандинг кампањата.

Чилеанско-францускиот автор Ходоровски е познат како мајсторот на „полноќните филмови“. Тој е режисер, сценарист, писател и духовен гуру, а со своите две последни дела „The dance of reality“ и „Endless poetry“ го врати статусот на еден од најискрените уметници што воопшто твореле за филмското платно.

„Psychomagic“ е најавен како продолжение на таквото надреално, кинематографско терапевтско доживување. Односно „филмот со вистински акти ќе покаже што навистина е психомагијата, нејзините принципи, како се практикува и работи“.

Според режисерот, потребата за изразување е многу поважна од видот на филмот. Она што го правам, вели тој, не е за да заработам за мојот живот, туку да се изразам.

„Јас не сум принуден да продавам, ги правев филмовите затоа што имав нешто да кажам. Не мислам на инвеститорите, на индустриите или на комерцијализацијата, туку дека треба да се изразам. Барам во себе да најдам што е најдобро во другите. Верувам дека кинематографската уметност е како врата за луѓето што го гледаат филмот, врата за да го најдат своето вистинско јас“, ќе рече Ходоровски.

Сцена од култниот филм „El Topo“ (1970)

Меѓу другите, Ходоровски свој белег остави со култниот филм, „El Topo“ (1970), чиј голем поддржувач беше Џон Ленон, а во својот филмски опус има и дела како „Holy mountain“ и „Santa Sangre“. Покрај сите напори и перипетии, не успеа да сними своја верзија на „Dune“, па неговите обиди и борбата со кинематографската машинерија е прикажана во документарецот „Jodorowsky’s Dune“.

Б.Ш.