Режисерот Бела Тар со мастерклас на „СинеДејс“

Унгарскиот режисер Бела Тар, кој се смета за еден од највлијателните и револуцонерни европски режисери, ќе оствари свој мастерклас во рамки на овогодишното издание на “СинеДејс“.

Стилот на режисерот еволуираше со текот на годините, од неговите рани филмови како „Family Nest“ (1979) и „The Outsider“, до неговите проекти „Satantango“ (1994), „Werckmeister Harmonies“ (2000), постепено оддалечувајќи се од она што тој го нарече „социјално кино“ до поновите, длабоко атмосферски филмови како The Turin horse (2011), пишуваат организаторите.

Тар инспирирал и други режисери, па Скорсезе за него пишува дека „Бела Тар е еден од најголемите авантуристи меѓу филмските уметници“, додека Џармуш вели дека неговите филмови потсетуваат на убавиот и чуден потенцијал на наративниот филм“.

„Бела Тар е меѓу највлијателните режисери изминативе 30 години. Бела Тар е антимистик. Некој што својот филмски опус го разбира како борба против правењето филмови/лаги. Кај Тар, филмот станува живо битие, заеднички емпатичен договор помеѓу режисерот и гледачот, чин на доверба. Неговата методологија подразбира флуидност во филмската нарација, поинаков монтажен процес во филмското раскажување, протест против традиционалното филмско изразување, поинаков простор и поинакво филмско време. Бела Тар создаде сопствен филмски јазик додавајќи ја алегоричната слика на своето опкружување. Кинестетскиот јазик на Тар е најдобро изразен преку тежината на времето, товар присутен во голем број од неговите филмски сцени. Бела Тар го револуционизира современото кино“, вели за него познатиот македонски филмски критичар Влатко Галевски.

Мастеркласот на Бела Тар е закажан на 17 јули, сабота во 15 часот во кино Фросина (МКЦ). Претходно, со почеток во 12 часот, ќе се одржи специјална проекција на филмот „Werckmeister harmonies“, кој е темата на мастеркласот.