Reworks фестивал 2015: септемвриска техно треска

Изминатиот викенд  во Солун се одржа најголемиот техно фестивал во Грција – Reworks.  Со преку педесет артисти, чии траки во моментов се меѓу најактуелните на диско подиумите низ светот распоредени во тридневна програма, овој фестивал дефинитивно го заслужува местото на мапата на љубителите на електронската музика и култура.

Оваа година, Reworks се оддржа по 11-ти пат. Почнал како мал клубски настан, а овој пат беше посетен од повеќе 10 000 луѓе. Минатиот викенд имавме можност да ги слушнеме сетовите на Tale of us, Ellen Allien, Mano Le Tough, SЕИKA, Dubfire (за жал, Art Department откажа во последен момент).

Reworks фестивал 2015: септемвриска техно треска
Локацијата на Reworks беше комплексот Mylos, кој потсетува на стара фабрика. Урбаниот простор дополнително придонесуваше за атмосферата да биде опуштена. Комплексот располага со повеќе простории и подиуми, па имавме можност да уживаме во различна музика и изложби. Последната вечер, забавата се одржа на покривот на хотелот МЕТ, од каде може да се ужива во панорамскиот поглед на градот.

Картите за фестивалот беа распродадени за брзо време, па се бараше билет повеќе. Она што беше забележително беше одличната организација, па така немаше моменти кога се чекаше за влез или излез, или за пијачка на шанк, а артистите почнуваа без „академско доцнење“.

Reworks фестивал 2015: септемвриска техно треска

Забавите траеја до утринските часови, а на фестивалот имаше предвидено и бесплатна програма која започна уште во петочните попладневни часови, во младешкото збиралиште во Солун – Iktinou. Она што дополнително го прави фестивалот пријатен е топлата медитеранска клима која е карактеристична за Грција во овој период од годината и самиот град, кој изобилува со убава архитектура и опуштени катчиња кои можете да ги уживате преку ден (или пред одење на фестивалот).

Веројатно единствената забелешка за овој фестивал оди во насока на предвидување на повеќе настапи на отворен простор (наместо затворени диско подиуми), особено кога се работи за артисти кои се водечки имиња  на фестивалот.

Reworks е одличен настан за затварање на сезоната на летни фестивали, и за истиот не треба да располагате со голем буџет (оваа година картата за две вечери чинеше 35 евра). Затоа, следете ги објавите на Reworks екипата, и поставете го настанот на вашиот фестивалски календар. До следната година, нешто убаво!

Александра Живковиќ
Фотографија: Katerina Botzori