„Револуцијата не е кревет со рози“: Вака зборуваше Фидел Кастро

Фидел Кастро синоќа починал на 90 годишна возраст, соопшти кубанската државна телевизија. Тој ја презеде власта во Куба во 1959 година, соборувајќи го режимот на Батиста и ја претвори државата во комунистичка земја во која владееше половина век.

Кастро јавно го кажуваше своето мислење за многу работи: од револуцијата, преку Соединетите Американски Држави, до откажувањето од пушење и бричење на брадата. Британскиот Гардијан избра некои од неговите најпознати цитати:

„Ја започнав револуцијата со 82 луѓе. Ако треба да го повторам тоа, ќе го направев со 10 или 15 луѓе и апсолутна верба. Не е важно колку малку сте, доколку имате верба и план за акција“ – цитат за револуцијата во 1959 година.

„Не размислувам да ја избричам брадата, затоа што навикнат сум на неа и таа значи многу работи за мојата земја. Кога ќе го исполнам ветувањето за добро владеење, ќе ја избричам брадата“ – Во интервју за ЦБС, во 1959 година, 30 дена по револуцијата.

„Револуцијата не е кревет со рози. Револуцијата е борба помеѓу иднината и минатото“ – Кастро во 1959.

„Заклучив одамна дека една последна жртва која морам да ја направам за кубанското јавно здравје е да престанам да пушам. Не ми недостасува премногу“ – Кастро во декември 1985 откако соопштил дека престанал да пуши пури.

„Никогаш не видов контрадикторност помеѓу идеите кои ме одржуваа и идеите на тој симбол, таа извонредна фигура (Исус Христос)“ – Кастро во 1985.

„Мораме да се држиме до фактите, едноставно кажано, социјалистичката страна пропадна“ – Кастро во 1991 година.

„Овие промени (отворањето за меѓународен туризам, странски инвестиции, мали бизниси и семејните дознаки) имаат социјална цена, затоа што живеевме во стаклено ѕвоно, а сега сме окружени со вируси, бактерии до нивото на пречки и себичност создадени од капиталистичкиот систем на производство“ – Кастро во 1998.

„Една од најголемите придобивки од револуцијата е таа дека дури и нашите проститутки имаат завршено факултет“ – Кастро до режисерот Оливер Стоун во документарецот „Команданте“ од 2003 година.

„Сфатив дека мојата права судбина би била војна која би ја имал со Соединетите Американски Држави“ – Првиот цитата во вториот документарец на Стоун за кубанскиот лидер „Во потрага по Фидел“ од 2004 година.

„Еве го заклучокот до кој дојдов после многу години: покрај сите грешки кои веројатно сме ги направиле, најголемата од сите нив беше нашата верба дека некој… всушност знае како се гради социјализам… Кога и да кажеа „тоа е формулата“, мислевме дека знаат. Како некој лекар“ – Кастро во 2005.

„Среќен сум што доживеав 80 години. Не очекував, со сосед – најголемата светска сила, кој секој ден се обидува да ме убие“ – 21 јули, 2006 година за време на Самит во Аргентина на Латино-американски претседатели.

„Ние не сме развиена капиталистичка земја во криза, чии лидери се во паника барајќи солуции во депресијата, инфлацијата и недостиг на пазари и невработеност. Ние сме и мораме да бидеме социјалисти“ – Кастро во една од неговите „рефлексии“, новински колумни во 2008 година.