Револуција на руските пивници

Од Москва до Санкт Петербург, нова генерација на млади љубители на пивото влегуваат во нов предизвик на правење домашно пиво во земјата на вотката. Последен пат кога вака се чекале редици за пиво беше во Советскиот сојуз, пишува Гардијан.

Иако е врнежлив понеделник навечер, рускиот паб Craft rePUBlic е весел од брборењата на луѓето кои прават пиво и оние кои го обожаваат пијалокот. Оние кои влегуваат во барот се поздравени со кригла „Црвениот Нелсон“, пиво направено со чај од хибискус и кора од портокал од локалниот пивар Алексеј Сазонов, кој го слави својот роденден во пабот кој има своја пивница.

Сазонов работи во Bottle Share, уште една од растечкиот број на микро-пивници во Русија кои буквално прават револуција во угостителскиот бизнис. Тој првично го создал „Црвениот Нелсон“ дома под прекарот „Големото Еже“.

Сазонов вели дека главните брендови на руските пива, чие светло пиво доминира во продавниците го варат и ферментираат пивото набрзина за набрзина да го продадат. „Во една микропивница пак, пиварот создава пиво кое самиот сака да го пие“, додава тој.

Русија се разбира е позната многу повеќе по нејзината вотка отколку по пивото. Една поговорка вели „пиво без вотка е фрлање пари во ветер“. Според податоците на Светската здравствена организација за 2010, 51% од алкохолот конзумиран во Русија бил вотка, додека 38% бил пиво. Оваа вотка култура има и смртоносни последици за руските мажи чиј животен век е 64 години што е помалку од европските земји, главно поради големото пиење и пушење цигари.

Сега нова генерација пивски „гикови“, како што се нарекуваат самите, работи на тоа да го промени пристапот на Русите кон пивото, но и кон пиењето во целост. Со фокус на тоа да се вкуси пијалокот наместо да се пие за да се испијани, десетици пивници се отворија во Москва од летото 2014 година, служејќи руски и странски пива.

Тие стануваат толку чести, што магазинот за култура „Афиша“ во август објави дека „одбива да пишува критики за пивниците кои никнуваат секоја недела“.

Малкумина очекуваат пивото да ја замени вотката како национален пијалок, особено откако Владата ја намали минималната цена на вотката во 2015 година, во услови на економски проблеми. Но, постои долга традиција на домашно правење пиво во Русија, како и потенцијал за раст на пивскиот занает кој е огромен благодарение на неговата релативна исплатливост. Локалните пивници обично продаваат кригла меѓу 200 и 300 рубли (околу 3 евра).

Згора на тоа, лесно е да се започне со бар за домашно пиво: не е потребна лиценца за алкохол ако објектот служи само пиво. Стартните трошоци се минимални, бидејќи голем персонал, кујна и раскошен ентериер не се обично потребни. Како резултат на тоа, пивниците се шират од Москва и Санкт Петербург кон останатите региони во Русија.

Извор: Гардијан