Револтот на тетовските средношколци расте – денес го блокираа градот

Центарот на Тетово утринава беше блокиран од средношколците кои втор ден протестираат затоа што општината не им обезбедува бесплатен превоз од почетокот на учебната година. На учениците од средното медицинско училиште и гимназијалците, денеска им се приклучија и врсниците од економското училиште.

Учениците и денес велат дека се револтирани од проблемот и дека не се задоволни од одговорите кои ги добиле од надлежните.

protest-tetovski-srednoskolci-prevoz-2

Од секторот за образование на Општината, вината за проблемот ја лоцираат во натрупаниот долг за транспорт на учениците во минатото, бидејќи се правеле договори повисоки од предвидените средства за таа намена.

„Договорот за транспорт може да се направи во склоп на дотацијата предвидена за транспорт, додека другите средства кои се наменети за други ставки се за подигање на квалитетот на образовниот процес. Училиштата не можат да излегуваат од оние рамки на средства кои ги имаат. Врз основа на насоките кои ќе бидат од Државната комисија за јавни набавки така и ќе биде продолжено понатаму“, изјави Ахмед Ќазими, раководител на секторот.

Учениците најавија дека нивните протести ќе продолжат до решавање на нивниот проблем.

Хаосот во тетовското образование го чувствуваат и гимназијалците од македонските паралелки кои скоро еден месец не одат на настава бидејќи не се задоволни од просторните услови во Работничкиот универзитет каде се принудени да учат.

Денес истекува рокот до кој чекаат одговор од Владата за тоа како ќе се решава нивниот проблем. Од родителскиот и професорскиот совет најавуваат дека, ако нема одговор, средношколците во понеделник наставата демонстративно ќе ја почнат пред тетовската Општина.