Револт на жители од Карпош откако утрово се сечеа дрва на „Волгоградска“

Сечата на две возрасни тополи во Карпош 4, утрово ги изреволтира граѓаните и жителите на оваа скопска населба. Тие на социјалните мрежи поставија слики и видео материјали од сечењето на дрвата на улица „Волгоградска“, изненадени од мотивот за ваквиот чин.

Во документот кој бил приложен на граѓаните, а кој е објавен на социјалните мрежи, одобрението е издадено од Градоначалникот на Град Скопје, по барање на граѓанин, за сечење на седум дрва и кастрење на 21 дрво. Образложението на одлуката е дека по увид на стручни лица било утврдено дека дрвата за сечење се стари, со суви стебла и кршливи гранки и постои опасност да паднат и да предизвикаат материјална штета.

Граѓаните изразија сомнеж во образложението, посочувајќи дека од фотографиите се гледа дека станува збор за здрави дрва.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, информираше дека тој не дал налог за сеча на дрвата, додавајќи дека на постоечката локација не е предвидена изведба на било каква инфраструктура или градежни активности, откако дел од граѓаните на социјалните мрежи шпекулираа дека сечењето на дрвата е поради поставување на цевки.

Во текот на денот преку соопштение реагираа и од Град Скопје:

„Сакаме да ја информираме јавноста дека овие дрвја и во минатото предизвикуваа опасност и штета, а пред неколку години поголеми гранки кршејќи се предизвикаа поголема материјална штета на паркираните возила. За овој (и сите слични случаи), беше поведена судска постапка, и притоа јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ мораше да исплати средства и да ја надомести нанесената штета. Град Скопје сака да истакне дека, како и досега, за секое исечено дрво, на истата локација или во непосредна близина ќе биде засадено ново дрво“, стои во соопштението на Град Скопје.