Ревизорите утврдија низа слабости за Агенцијата за филм, оттаму велат дека веќе се спроведени реформи во 2025 година

Поништен е конкурс за филмски проекти без законски основ, преземени се петпати поголеми обврски од одобрениот буџет, нема кадровски капацитети, ниту стратегија за развој на филмската дејност, нема попис на средствата. Ова се дел од забелешките што Државниот завод за ревизија ги посочи за работата на Агенцијата за филм за минатата 2024 година, а од Агенцијата, пак, велат дека извештајот се работи за период што претходи на актуелното раководство и не ја одразува состојбата на спроведените реформи и активности во 2025 година.  

Ревизорите дадоа неповолно мислење, финансиските извештаи не се реални, а работењето не е усогласено со законите. Од 2022 до 2024 година обврските кон долгометражни, краткометражни, документарни и анимирани филмови, како и кон фестивали, континуирано растат и веќе ја надминуваат логиката на финансиска дисциплина.

„Соодносот одобрен буџет/обврски по проекти изнесува еден наспрема пет, што укажува дека во континуитет Агенцијата презема повеќе обврски од одобрениот буџет. Значителното зголемување на обврските на Агенцијата ги нарушуваат барањата на Законот за финансиска дисциплина како и начелото на сигурно финансиско управување предвидено со Законот за буџетите и може да доведе до судски постапки и трошоци по основ на камати“, стои во извештајот на реизорите.

Во извештајот се нотира и дека Агенцијата со години не врши попис, а честите промени во раководството и недостигот на стручен кадар дополнително го нарушуваат квалитетот на работата. Наместо редовни вработувања, се користат договори на дело без проверка на квалификациите.

„Констатирани се слабости во постапката за спроведување на конкурсите за филмски проекти и фестивали, како и отсуство на интерен акт или процедура која би ги дефинирала правилата за спроведување на овие постапки. Причина за тоа е укинувањето на претходно важечкиот Правилник за поддршка на филмски проекти. Агенцијата не воспоставила целосни и навремени контроли во процесот на реализација на филмските проекти и фестивали. Недостасува документација од страна на продуцентските куќи за докажување на исполнетите услови, што укажува на ризик од ненаменско користење на доделените средства“, нотираа.

Државниот завод за ревизија предупреди и дека Агенцијата нема внатрешна ревизија, иако тоа е законска обврска, што дополнително го ослабува системот на контрола.

Од Агенцијата за филм тврдат дека со стапувањето на новото раководство годинава, голем дел од забелешките на ревизорите веќе се имплементирани.

„Воспоставен е процес на целосна усогласеност на деловните книги со фактичката состојба, а во моментов се спроведува и детален попис на средствата, побарувањата и обврските, со што се обезбедува стабилно и транспарентно финансиско управување. Активно се работи на изготвување на Стратегија за развој на филмската дејност, документ кој по повеќе години ќе обезбеди јасна визија, приоритети и долгорочни насоки за развој на секторот“, соопштија денеска на прес-конференција од Агенцијата.

Фото: Агенција за филм

Оттаму велат дека во согласност со законските обврски и принципите на отчетност, новото раководство доставило шестмесечен извештај за работењето до Владата, со што како што велат, се демонстрира посветеност, отчетност и одговорно управување.

„Во текот на 2025 година Агенцијата за филм реализира историски рекордна исплата во износ од 3.160.000 евра како финансиска поддршка за филмската дејност. Исплатата е реализирана кон вкупно 55 филмови и 36 фестивали. Истовремено, обврските за 2025 година, и покрај новите одобрени филмски проекти, се намалени за 20% во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и подобрено планирање“, посочуваат од Агенцијата.

Најголема новост е дека Агенцијата активно ја поддржува и кампањата за Оскарите на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, за што се издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на државата на најпрестижната филмска платформа во светот.

„Во изминатиот период вложивме големи напори да ја расчистиме институцијата од наследените административни заплеткувања и да воспоставиме нови, функционални принципи на управување. Нашата цел е едноставна — Агенцијата за филм да биде партнер и поддржувач на креативната заедница, а не пречка. Како ново раководство, искрено се гордееме со успесите што македонскиот филм ги постигнува во 2025 година. Овој творечки подем е резултат на талентот и посветеноста на филмските автори, а наша задача е да создадеме стабилен, јасен и ослободен систем што ќе им обезбеди простор да творат слободно и креативно, притоа да бидат достојно поддржани“, рече в.д директорот Сашко Мицевски.

Од Агенцијата посочуваат дека филмовите што ги поддржале од бележат исклучителни меѓународни резултати, споменувајќи ги „Диџеј Ахмет“ на Ѓеорги М. Унковски  и „Мајка“ на Теона С. Митевска.

Бојан Шашевски