Ревија од победниците на „Мобил фестивал“ и награда во чест на Димитар Николов – Таки на Канскиот фестивал

Ревија од победниците на Интернационалниот фестивал на филмови снимени на мобил телефон „Мобил фестивал“ и доделување награда во чест на Димитар Николов – Таки ќе се одржат утре (вторник) во 15 часот во киното на хотел „Идн“ во Кан во рамките на Филмскиот маркет на Канскиот филмски фестивал.

Настанот е дел од Меѓународната ревија на филмови снимени на мобилен телефон – Кан (International cell phone cinema showcase – Cannes) која ги прикажува наградените кратки филмови од мобил фестивалите ширум светот.

Овој пат филмовите ќе се прикажат во чест на основачот на „Мобил фестивал“, Димитар Николов, кој почина на 63 годишна возраст по кратко боледување. Тој беше познат културен деец, филмски продуцент, менаџер на дистрибутерската компанија „КТ-филм и медиа“, поранешен директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, основач на Интернационалниот фестивал на филмови снимени на мобил телефон „Мобил фестивал“.

Ревијата е дел од Светската иницијатива за мир и толеранција на принцезата Анжелик Моне, која во последните 10 години одржува гала вечер во рамките на Филмскиот маркет на Канскиот филмски фестивал (Marche du Film) за хуманитарни цели. Минатата година првпат филмови од „Мобил Фестивал“ беа прикажани на гала вечерта и се натпреваруваа за хуманитарната награда „Карл Бартош“ за филмови снимени на мобилен кои се фокусираат конкретно на хуманитарни теми. За изборот на филмовите лани и годинава се погрижи селекторот Весна Ристовска.

Годинава во рамките на фестивалот ќе бидат доделени неколку награди и тоа за Најдобар филм за животна средина, Најдобар филм, Најдобра режија, Најдобар актер / актерка, Најдобра камера, Најдобра монтажа, Најдобра музика, Најдобри ефекти, Најдобра анимација.

Фестивалот и наградите се организираат и доделуваат во чест на професорот Карл Бартош, кој е пионер во продукцијата на филмови снимени на мобилен телефон. Фестивалот го претставува целиот спектар на жанрови од наратив до документарен филм, анимација до експериментални филмови од филмаџии и анонимуси. Така, мотото е „Одлични филмови во мали пакувања“.

„Мобил фестивал“ годинава ќе се одржи по 12 пат во организација на продуцентската куќа „КТ-Филм и Медиа“ од Битола.