Ревија на македонски филмови во Центарот за култура во Битола

Центарот за култура-Битола во своето 3Д-Кино од вечерва до 3 февруари ќе ја промовира македонската кинематографија.

Ќе бидат емитувани 11 нови и постари филмови од истакнати македонски режисери, а ревијата ќе почне со филмот „Кобра“ на режисерот Игор Иванов.

На филмското платно ќе се прикажуваат „Соба со пијано“, „Три дена во септември“, „Панкот не е мртов“, „Копање“, „Скопје ремикс“, „Исцелител“, „Година на мајмунот“, „Џган“, „Ослободувањето на Скопје“ и филмот „Бикини мун“. Во текот на следниот месец, ,на редовниот репертоар ќе бидат и филмот за тинејџери „Ема“ и филмот за деца „Ловци и вештерки“.

Во битолското 3Д-Кино во текот на февруари ќе биде емитуван и филмот „Ругање со Христос“ на режисерот Јани Бојаџи.

НУ Центар за култура-Битола во 2019 година ќе ја промовира и европската кинематографија, со зголемување на бројот на европски филмови на редовниот репертоар.

На редовниот репертоар во 3Д Кино Битола во февруари ќе бидат и филмовите: трилерот Cold Pursuit, научно-фантастичнот филм Alita, анимираниот филм „Како да го дресирате вашиот змеј“, „Лего Филм 2“ и други.