Ревија на кратки филмови од млади македонски автори

Утре (13 јуни) во Котур е најавена ревија на повеќе кратки филмови од македонски млади автори кои ќе бидат прикажани по следниот распоред:

Стефан Вујисич: “Steps” („Чекори“)
Ханис Багашов: „Мишко“
Бруно Велјановски: “Night Stalkers” („Ноќни демначи“)
Џон Саркањац (Јован): “Sisyphus Without His Rock” („Сизиф без камен му“)
Стојков Борјан: “Gen Z Diary” („Дневник на занакс дете“)
Влатко Владимиров: „Pokoj číslo 16“ („Соба број 16“)
Владимир Воиновски: “Loop De Loop: Bug” („Loop De Loop: Бубачка“) + “NSK: Absord and Deconstruct” („NSK: Апсорбирај и деконструирај“)
Батухан Ибрахим: “Silece” („Тишина“)
Ајдин Ислами: “Tooth” („Заб“)
Јаќовска Марија: „Секогаш и никогаш“
Леон Тенев: „Изгорени страници“

Проекциите почнуваат во 20:30 часот.

Стефан Вујисиќ е млад уметник од Македонија кој си игра со повеќе медиуми. Експериментирајќи опипува помалку познати терени. Пробува да оформи конекција помеѓу тродимензионалноста и дводимензионалната површина со идеја да ги смести во еден свој контекст кој функционира компактно во своите импровизирани рамки. „Чекори” е кратка серија од слики кои претставуваат некаков неизбежен и круцијален процес кај
било која индивидуа која сака да искомуницира со себе и со другиот, на начин необичен, а сепак
суштински во природата на човекот.

Ханис Багашов, 19 години, од Тетово. Режисер и сценарист е на кратките филмови ,,Мишко” (2018) и ,,Лица” (2016), прикажани на повеќе од 40 меѓународни фестивали, во 15 земји, меѓу кои и Сараевскиот филмски фестивал. Како актер, игра една од главните улоги во филмот ,,Кога денот немаше имe” (2017) на Теона Стругар Митевска, како и во неколку кратки филмови и театарски претстави. Во 2017 год. изложи фотографии во Музејот на современа уметност – Скопје, како дел од проектот ,,Making it New”, а има учевствувано и на 20 колективни изложби.  Алумни е на Talents Sarajevo 2018 и Go Short Campus Nijmegen 2019.  ,,Мишко” е приказна која го следи Ангел, тивко и повлечено момче, кој оди со својот другар
Мишко да бере јаболка за продажба. Но, како што минува денот, Ангел сѐ повеќе се соочува со
суровоста на Мишко и своите родители.

Бруно Велјановски, апсолвент на филмска и телевизиска режија на ЕСРА. Една студена вечер, тројца непознати пресретнуваат еден човек во темна уличка. (Краткометражниот филм е направен без буџет, снимен е и измонтиран во 1 ден.)

Јован Саркањац е роден на 09.11.1995. Додипломски студии (2014-2017) завршил на Универзитетот во Нотингем: филмски и телевизиски студии. Основач е на проектот Directing Nonsense (Режирање глупости), во кој работи како режисер, сценарист, камерман и монтажер. По милениуми поминати во туркање, Сизиф одеднаш го губи својот камен. Тој се втурнува во потрага по предметот кој го дефинира него во денешниот свет.

Борјан Стојков е роден во 1998 година. Девица е во хороскоп и му е страв од Алистер Краули. На млад маж му се појавува девојка како привидение и тој контемплира.

Ајдин Ислами е студент. Даниел страда од забобол веќе неколку денови. Бидејќи нема пари да го ршеи проблемот, а болката станува неподнослива, Даниел ќе одлучи на брутален начин да се ослободи од болката.

Марија Јаќовска е студентка на ФЛУ. Краток сегмент од вечер што ја поминувам сама дома по излегување во град. Лоши и добри мисли, продуктивно и непродуктивно поминати часови, но мир во времето поминато сам со себе.

Леон Тенев е роден на 14.02.2001 во Скопје. Матурант е во Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“ во родниот град. Млада девојка се заљубува во писател и ги следи неговите дела. Таа се соочува со пречки и притисоци кои ја оддалечуваат од својата цел.