Ревија на европски филмови во осум градови низ Македонија

Во осум градови низ Македонија, од денеска до 28 септември, ќе се одржи Ревија на европски филмови информираат од Асоцијацијата на филмски професионалци и ТВ соработници на Македонија (АФПМ), кои го спроведуваат проектот.

Од Асоцијацијата информираат дека љубителите на филмската уметност во Струга, Прилеп, Кичево, Битола, Кавадарци, Штип, Неготино и Радовиш ќе имаат можност да се забавуваат и да уживаат во два филма од изборот на квалитетни филмски остварувања од најновата европска продукција. На годинашната ревија ќе бидат прикажани филмови од Италија, Швајцарија, Германија, Холандија, Русија и други земји.

„Со овој проект ќе бидат претставени повеќе европски филмови со цел да ги доближиме квалитетните и репрезентативни филмови од неколку големи европски кинематографии, кои се учесници и добитници на светските филмски фестивали. Станува збор за проекции на репрезентативни филмски наслови“, соопштија од АФПМ.

Проектот е поддржан во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“ на Министерството за култура на Р.М.