Ревии на 20 македонски дизајнери на деветтиот Моден викенд Скопје

Со моден маскенбал синоќа во ноќниот клуб „Станица 26“ отворено е деветтото издание на Моден викенд Скопје, сезона пролет/лето 2014, кое ќе трае до 6 април на неколку локации во Скопје.

Ревии на 20 македонски дизајнери на деветтиот Моден викенд Скопје

Првата априлска недела ќе ја одбележат ревии на 20 македонски дизајнерски имиња и модни куќи во рамките на деветтото издание на модната манифестација, пренесе МИА.

– Најновиот каталог, кој ќе ја следи деветтата сезона е во знакот на Next nature- таканаречената „Следна природа“, која ја дизајнираат новите културни навики и новата технологија водена од динамичното секојдневие. Обединетите црвена и плава преточени во магента, прелеани со раскошни 3Д цветови ќе го обојат модниот април, посочуваат организаторите.

Во рамки на шестдневното издание на Моден викенд Скопје е и шоурумот во кафулето „Концепт 37“ каде што веднаш по ревиите, колекциите на дизајнерите и модните куќи ќе се „преселат“ и ќе бидат достапни за купувачите во текот на целиот ден потоа.

Целта е македонските дизајнерски имиња да им се доближат повеќе на домашните љубители на модата.

Брендот „Hard to explain“ со моделите на Катерина Попева и Марија Дацевска вечерва ќе се претстави низ моден перформанс пред нивното ателје во Старата скопска чаршија.

Модната куќа Елена Лука на Моден викенд Скопје ќе ги прикаже моделите за претстојната сезона пролет-лето 2014 година, уникатни креации со арома на лукс кои ја следат елегантната силуета на жената.

Во рамките на пролетниот Моден викенд ќе бидат претставени и моделите на Јасмина Дракул. Едно поинакво модно доживување, велат, ќе приреди модната куќа „Mcouture by Mila Kadriu“, која на моден бранч во градина ќе ја прикаже најновата колекција.

Салонот „Ауди-Порше Македонија“ ќе биде местото на случувањата во последните три дена. Таму со групна модна ревија ќе се претстават студентите од Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје. Победниците на проектот „Поп! Мода“, организиран во соработка со Амбасадата на САД во Македонија и Текстилен кластер-Македонија на минатогодишното пролетно издание на FWSK, Виктор Цветановски, Ана Камчева и Алмир Мили овојпат ќе претстават капсулни колекции. На истата локација ќе се случуваат и ревиите на веќе познатите имиња: Никола Петровски, кој ќе претстави колекција за есен-зима 14/15, Стефанија Насеска, Марјана Рујаноска, Бобан Илиевски и неговиот „Chic Undercowear“, Ирина Тошева, „Vibrazioni by Aleksandra Mitkovska“ и брендот „Lidiya Georgieva“.

Со моден перформанс ќе се вклучат во модниот викенд и Елена Спасовска инспирирана од кабаре, Роберт Ивановски и првпат Ивана Јованоска. Деби модна ревија ќе има и ателје Оливера Штакоска.

Пролетниот Моден викенд Скопје ќе го затвори најновата колекција на Росица Мршиќ.

Покровители на деветтото издание на Моден Викенд Скопје се Градот Скопје, Амбасадата на САД во Македонија и Текстилниот кластер на Македонија, а го поддржаа и повеќе компании.