[Рецензија] Moby – Innocents

Првпат налетав на музиката на Moby околу 2000-та. Тие години ги паметам како збунувачки, насилни и хаотични. Само што го напуштив тинејџерскиот статус, интернет имаше само во интернет-кафе, Америка тренираше сила во комшии, а рејвот неповратно се претвораше во мејнстрим.

Таа пролет, заедно со неколку пријатели со кои ја делевме жедта  за нова и различна музика, го коментиравме саундтракот на филмот „The Beach“ на Danny Boyle, кој претходно го гледавме во кино. Од пиратското ЦД, купено на тезга, најголем впечаток ни остави „Porcelain“ – зашеметувачката амбиентална рапсодија на Moby. Песната, која во меѓувреме се излижа од свирење по реклами, документарци и политички спотови, за мене беше најсвежиот звук таа година. Албумот „Play“, за кој многумина ќе речат дека е негов најдобар, го лансира Moby кон светската слава.

Отсекогаш сум сакал да верувам дека можам да го препознаам кај музичарите „она“ што еден ден ќе ги направи големи. Дека можам да ја предвидам бесмртноста на нечија музика, пред тоа да го видат сите. Не успеав со Moby –  ненадејниот комерцијален успех на „Play“ тогаш ме излажа дека неговата ѕвезда ќе биде минлива. Тринаесет години подоцна, среќен сум поради оваа промашена прогноза.

Овој вечен дечко од Харлем, роден пред цели 48 години со сосема непретенциозно име: Richard Melville Hall, сепак се избори за музичка бесмртност. Требаше да поминат многу години, за да сфатам дека звукот на Moby е едно од најсилните  музички влијанија врз мене. Тој е еден од оние кои ми го покажаа правецот кон широкиот свет на електронската музика.

Активен повеќе од три децении, своевременo дури и член на хардкор панк бенд со име  „Vatican Commandos“ , Moby низ сите овие години стана модел на музичката сестраност и храброст во кршењето норми.

[Рецензија] Moby - Innocents

Неговиот единаесетти студиски албум, „Innocents“ излезе пред еден месец за британската издавачка куќа Mute Records. Снимен во станот на Moby, со гостување на цела група одлични вокалисти, овој интимен албум зрачи со присност и топлина, толку типични за зрелиот приод на Moby кон музиката. Да биде јасно – големиот мајстор и овој пат не отстапува од патеките кои самиот ги разгази и ги фрла истите маѓепства со кои ги опчинува своите фанови сите овие години.

Но, тоа никако не значи дека Innocents е предвидлив или „веќе слушнат“ албум. Во манир на врвен музички алхемичар, Moby уште еднаш ги претопува едноставните ритмови, волшебните аранжмани и моќните,  но емотивни гласови, во цврста и раскошна колекција на траки. Неблагодарно е да се издвојуваат парчиња од оваа колекција, но мене сепак најмногу ми се допаѓа “Almost Home”, песната на која гостува одличниот инди-aртист од Сиетл, Damien Jurado.

Албумот “Innocents” топло им го препорачувам на сите драги луѓе кои сакаат длабока музика. Доследен на својот стил и интегритет, Moby тука повторно ја вежба својата магија, како што само тој умее.

Жарко Настоски