Ретроспектива на творештвото на Милчо Манчевски од 7 до 10 мај во Скопје

„Снимај бе, братучед, снимај!“ е насловот на четиридневната ретроспектива посветена на творештвото на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Настанот ќе се одржи од седми до десети мај, во кино „Милениум“ и кино „Фросина“ во Скопје, а е по повод јубилејот 20 години од филмот „Пред дождот“, за кој Манчевски беше награден со „Златен лав“ во Венеција.

Во програмата е предвидено четиридневниот настан да започне со проекција на дигиталната копија на филмот „Пред дождот“, во кино Милениум, со почеток од 20 часот. По проекцијата, ќе следи отворена дискусија на режисерот со публиката.

Останатите три дена, во кино Фросина, ќе се прикажат неговите други филмови, а ќе се одржуваат и забави по проекциите со музика од филмовите. Во рамки на оваа манифестација, ќе се одржи и трибина на која ќе се промовира монографија за целосниот опус на Манчевски.

Влезниците за проекциите се бесплатни и ќе можат да се подигнат во билетарниците на кината „Милениум“ и „Фросина“.