Ретроспектива на режисерот Џим Џармуш во Кинотека на Македонија

Во рамките на Скопскиот филмски фестивал, во Кинотеката на Македонија ќе се прикажат првите шест долгометражни остварувања на независниот американски режисер Џим Џармуш. Станува збор за филмови промовирани во текот на осумдесетите и деведесетите години на минатиот век кои имаа големо влијание врз публиката.

Ретроспектива на режисерот Џим Џармуш во Кинотека на Македонија

Како што објави блогот Cinespectar, автентичниот стил на Џармуш е, всушност, рефлексија на неговиот стил и начин на живеење, а неговото минато најдобро говори за сензибилитетот на неговите филмови. Љубовта кон литературата кај него се јавила уште од најраните години од неговиот живот, па затоа честопати во неговите филмови се среќаваме со познати цитати од светската книжевност. Автентичниот стил тој постепено ќе го усовршува во подоцнежните години, а уште на самиот почеток ќе биде препознаен како еден од најинвентивните независни филмски автори од Америка.

Ретроспектива на режисерот Џим Џармуш во Кинотека на Македонија

Запишувајќи се на етаблираната филмска школа на Њујоршкиот универзитет, Џармуш стекнал големо искуство, посебно во последната година од студирањето кога добил прилика да работи со филмскиот великан Николас Реј. Џармуш, кој во седумдесеттите години на минатиот век бил активен како музичар во њујоршката андерграунд сцена, поточно во No Wave движењето кое воедно фукнционирало и како филмско движење под влијание на тогашната панк сцена, се спријателил со американскиот режисер Амос По. По, кој бил дел од No Wave сцената, го охрабрил Џармуш да започне со свој проект. Џармуш во таа намера бил морално подржан и од неговиот ментор Николас Реј, па така набргу започнал да работи на неговиот прв филм.

Панкерскиот начин на живот во сиромашните предели на Њујорк видно извршил влијание на Џармуш, кое поготово се приметува во неговите први две остварувања. Неговиот прв филм Permanent Vаcation го снимил со буџет кој изнесувал само 12.000 долари, пари кои ги добил преку школскиот фонд. Permanent Vаcation како и неговиот втор филм Stranger Than Paradise стануваат филмски репрезенти на No Wave движењето кое извршило големо влијание врз стилот на  независниот американски режисер.