Ретка маска на Дарт Вејдер и очилата на Хари Потер на аукција во Лос Анџелес

Ретка маска која Дарт Вејдер ја носел во еден од првите филмови „Војна на ѕвездите“ ќе биде ставена на аукција кон крајов на месецов во Лос Анџелес заедно со уште неколку препознатливи реквизити од холивудските блокбастери.

На продажба ќе бидат ставени и очилата на Хари Потер, како и облеката која во „Титаник“ ја носеле Леонардо Ди Каприо и Кејт Винслет. Дополнително, на аукцијата ќе биде понудена и облеката на Дороти од „Волшебникот од Оз“ како и роверот на Џемс Бонд од филмот „Дијамантите се вечни“.

Маската на Дарт Вејдер од филмот „Империјата го возвраќа ударот“ се очекува да достигне цена помеѓу 250.000 и 450.000 долари.

„Сè од оригиналната трилогија на „Војна на ѕвездите“ е многу тешко да се најде“, изјавил Брајан Ченс од аукциската куќа, пренесува Ројтерс.

Досега највисока цена за сувенир од светот на „Војна на ѕвездите“ постигнала 35-милиметарската камера која ја користел режисерот Џорџ Лукас во првиот филм од 1977 година. Камерата достигна цена од 625.000 долари на аукцијата во Беверли Хилс во 2011 година.

Очилата кои актерот Даниел Редклиф ги носи во улогата на Хари Потер се очекува да се продадат за околу 30.000 долари, фустанот на Дороти помеѓу 350 и 500 илјади долари, додека меѓу најскапите реквизити се очекува да биде месечевиот ровер на Џемс Бонд – околу 600.000 долари.

На аукцијата ќе бидат понудени 940 предмети, а ќе бидат вклучени и реквизити од „Вонземјанин“, „Кинг Конг“ и „Ѕвездени патеки“. Се очекува цената на сите продадени предмети да достигне до 10 милиони долари.