Ресторан во Амстердам вработува жртви на трговија со луѓе за да им помогне да водат нормален живот

„Кога им ги дадовме сертификатите на жените, плачеа и сакаа да ги врамат“, вели Тус Химскерк-Шеп. „Тоа е само парче хартија, но она што го постигнале прави да се чувствуваат дека вредат нешто, што е токму она што им било одземено како жртви на трговија со луѓе. Достоинството навистина е украдено од овие луѓе – не си навистина човек, ти си производ“.

Химскерк-Шеп е директорка на холандската гранка на Not For Sale, глобална организација која работи на спречување на трговијата со луѓе. Таа води кулинарски програми во Амстердам, кои целат да ги рехабилитираат оние кои биле принудени на сексуална работа на Црвената улица. Кога го завршуваат четиринеделниот курс за готвење, кујнска хигиена и правилно однесување, добиваат сертификат.

Ја запознав Химскерк-Шеп во Dignita, ресторанот кој Not For Sale го води за да обезбеди вистинско искуство во кујна за своите ученици. Крај светлите вази и лабавите црвени штици, забележав неколку орнаменти со форма на дијамант.

„Ги одбравме дијамантите бидејќи така ги гледаме девојките кои поминуваат овде“, вели Химскерк-Шеп, додека пие шолја штотуку сварен чај од нане. „Крути се околу рабовите на почетокот, но кога ќе почнеш да работиш на нив, навистина блескаат“.

Одиме низ кујната за да запознаеме некои од девојките. Огромно тенџере со унгарска кокошкина супа крчка на шпоретот додека четири жени во готвачка униформа ги чистат работните маси.

„Овој рецепт е од мојот роден град“, вели Ана*, која дошла во Dignita откако била принудена да работи како сексуална работничка во Амстердам четири години. Ми вели дека била принудена да ја напушти Унгарија кога имала 18 години, од човек кој ѝ ветил добро платена работа во Холандија. Кога пристигнала, пасошот ѝ бил одземен и човекот се заканил дека ќе ѝ го убие детето (кое тогаш живеело во Унгарија со нејзин пријател) ако се обиде да замине.

Супата е подготвена и топол леб е поставен на големата заедничка маса. Седнувам со Химскерк-Шеп, Ана, и другите девојки да јадеме. Химскерк-Шеп потенцира колку е важно да се делат оброци на овој начин, објаснувајќи дека помага да се развие семејна врска меѓу оние кои доаѓаат на курс.

Друга девојка, Рената*, наскоро ни се придружува на масата.

„Супата е вкусна“, вели таа. „Никогаш не сум била навистина добра во готвење, но сакав да се вклучам во програмата бидејќи станував депресивна“.

Рената е од Полска и била принудена да се пресели во Амстердам од насилен човек  кој го сметала за потенцијално момче. Станала секс работничка кога тој барал пари од неа, и успејала да побегне во засолниште после две години работа.

Никој не е сигурен колку жени како Ана и Рената кои работат на Црвената улица во Амстердам, која е позната по своите црвени излози на кои стојат оскудно облечени жени, всушност се жртви на трговија со луѓе. Секако, не сите секс работнички треба да се третираат како жртви, но некои студии покажуваат дека некаде меѓу 10 и 90 проценти од холандските секс работнички биле принудени во трговијата со секс. Со оглед на тоа дека има околу 4000 жени кои работат во секс индустријата во Холандија, која ја легализираше проституцијата во 2000 година како начин да ја зголеми регулацијата и да ги заштити работничките, има најмалку 400 жени кои се принудени да вршат сексуален чин против нивна волја.

Самите трговци често работат во мрежи на организиран криминал, наведувајќи ранливи млади жени од Источна Европа – како и од политички помалку стабилните африкански земји како Нигерија и Сиера Леоне – со ветувањето дека ќе работат во хотел или ресторан во Холандија, заканувајќи им се со насилство доколку се обидат да заминат.

Not For Sale вработува и машки и женски персонал во кујната за да помогне при водењето на Dignita, освен оние кои доаѓаат на курсот. Химскерк-Шеп вели дека тоа е важен дел од нивната рехабилитација.

„Се обидуваме да им помогнеме да најдат нормален работен живот, нормална заедница“, објаснува таа. „Со траумата треба да се справуваат психолози, а со човечноста само нормални луѓе“.

Самиот тренинг е достапен и за оние со ограничени кулинарски вештини, започнувајќи со релаксирачки, репетитивни задачи како сецкање или мешање.

Инес*, друга посетителка на курсот од Алжир, ми вели дека работата во Dignita ги направила неа и другите жртви на трговија со луѓе повторно среќни.

„Одлично си поминуваме овде, почнуваме да се смееме уште кога ќе влеземе“, вели таа.

Холандската влада им дава на жените кои биле жртви на трговија со бело робје тр месеци во засолниште, како и бесплатна здравствена нега. За тоа време, тие имаат можност да ги тужат своите трговци. Деведесет проценти од случаите на трговија со луѓе, сепак, се одбиени поради недостаток од докази.

„Имаат засолниште и здравствена нега, и тоа е од прилика сè“, вели Клер Басвел, поранешен програмски директор на Not For Sale за Холандија. „Како ќе добијат рабтпа? Затоа, би рекла дека таму ние доаѓаме во пресрет. Ги правиме пофлексибилни и помалку ранливи“.

Not For Sale им нуди на преживеаните на трговија со луѓе тренизи со домување со траење од три месеци после четиринеделниот курс во Dignita. Тие учат како да подготвуваат храна и да одржуваат хигиена во кујната, и добиваат акредитиран сертификат на крајот.

Подоцна таа вечер, им се придружив на волонтерите на Not For Sale кога заминаа во Де Вален соседството, кое е дом на Црвената улица. Доставивме супа и салата направена од посетителите на курсот, на оние кои работат на излозите.

Разговарав со Бен, 32-годишен маж од Велс, кој втор пат ги посетува работничките.

„Посетив неколку од жените кои работат на излозите пред неколку месеци“, вели тој. „Се чинеа волни да ме задоволат, да бидат искрени, не добив впечаток дека се жртви на трговијата или не сакаат да бидат таму“.

Тоа е впечаток кој Химскерк-Шеп вели дека не ја покажува целосната слика. Ми вели дека испрашувала жени кои работат на Црвената улица, и открила дека 93 проценти од нив би прекинале утре ако имаат друга можност.

Not For Sale може да биде таа можност. Во изминатата година, холандската гранка помогнала на четири поранешни жртви да добијат работно место. Најголемото достигнување, сепак, е подобрената самодоверба на девојките.

„Би сакала да научам како да готвам европска храна“, вели Адитуја, 30-годишна посетителка на курсот. „Планирам да отворам мало кафуле во Индонезија, за луѓето да можат да ја пробаат мојата храна и да имам свој мал бизнис“.

Подоцна, ме поканија на церемонијата за доделување на сертификатите. Жените се поканети на сцената да ги добијат своите квалификации, а публиката аплаудира за сите нив. Вера, која го завршила својот тренинг во Dignita откако била донесена во Холандија да работи како хигиеничарка, го зема микрофонот да зборува за своето искуство.

„Бевме како цвеќиња без вода пред да почне тренингот. Не правев ништо, всушност чекав да умрам“, вели таа. „Сега, сè се промени. Имам надежи за иднината, знам дека можам да направам нешто и сè е возможно“.

*Имињата се променети за да се заштитат идентитетите на жртвите

Текст на Шана Ф. Џоунс за Vice