„Репортери без граници“: Вртоглав пад на Македонија во слободата на информирање

Македонија го заслужи падот за цели 84 мести за само четири години во рангирањето за слободата на медиумите, смета Шефот на канцеларијата на „Репортери без граници“ за ЕУ и Балканот, Антоан Ери.

„Репортери без граници“: Вртоглав пад на Македонија во слободата на информирање

Според Ери, вртоглавиот пад на 123-тото место на листата за слобода на информирање за Македонија ја покажува ерозијата на слободата на изразување во земјава.

„Зошто Македонија е толку ниско рангирана? Контекстот во Македонија е во исто време и едноставен и сложен. Едноставен е, зашто се опишува со еден збор: автоцензура. Автоцензурата достигна таков степен, што новинарите мораат да ја извршуваат професијата во клима која е сè потешка, дури и задушлива. Македонските власти имаат влијание кое е нетолерантно кон редакциите за една земја кандидат за Европската унија и има изразен интервенционизам  кој во последно време е многу изразен“, рече Ери.

Тој додаде дека медиумите не се во можност да одговорат на овој интервенционизам и како главна причина за тоа ја посочи врската помеѓу политичката структура и сопствениците на медиумите, односно економската и медиумска концетрација. Според него, се работи за финансиски проблем бидејќи постои зависност на медиумите од државното рекламирање.

„Треба да ја споменеме и судската власт. Новинарите и медиумите систематски се потчинети на високи парични казни. Видовме во случајот со „Фокус“. Имаме впечаток дека правдата не е овде да ја заштити слободата на информирање, туку да постави ограничувања на медиумите. Случајот Томислав Кежаровски многу сериозно ја погоди оваа професија со она што се нарекува „чилинг ефект“ и овој случај влијаеше на целата професија. За смртта на Никола Младенов, исто така има легитимен сомнеж околу оваа трагична епизода“, објасни Ери.

Александар Делоа, член на Управниот одбор на „Репортери без граници“ и член на Правниот совет на организацијата реќе дека мисијата на Репортери без граници е секојдневно да ја следат состојбата во светот во однос на слободата на информирање.

„Имаме неколку канцеларии во кои работат и истражувачи кои се специјализирани во географски зони и кои секој ден гледаат дали некаде постои повреда на слободата на изразување или дали се случува да бидат затворени новинари итн.  Исто така и предупредуваме и упатуваме и писма до властите. Репортери без граници се бори против цензурата, вклучително и на интернет, затоа што слободата на изразување е многу важна и знаеме дека половина од населението на светот  нема слободен пристап до информации“, додаде тој.

За новите закони за медиумите претставниците на„Репортери без граници“  имаат различна оценка од претставничката на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ која рече дека законите за медиуми биле добри. Според нив, новите медиумски закони на Владата се неефикасни, неприлагодени и нема да донесат позитивни промени.

Дебатата на тема „Слобода на медиумите Споредба на правната практика во Франција и Македонија“ се одржа во организација на Меѓународниот институт за човекови права и мир, Амбасадата на Франција и Фондацијата Метаморфозис.