Репортери без граници: Македонија падна на 118 место по слобода на медиуми

Македонија останува во многу лошо друштво во поглед на слободата на медиуми. Се наоѓа на 118 место од 180 држави и има пад од едно место во споредба со минатата година. Ranking RBGОва го покажува најновиот индекс на слобода на медиуми, годишното рангирање на земјите од светот кое го изработува невладината организација „Репортери без граници“.

Над Македонија се наоѓаат држави како Нигерија, Конго и Замбија и Катар, а зад неа се Обединетите Арапски Емирати и Авганистан.

„И покрај декриминализирањето на клеветата во 2012 година, судските процеси се заменети со граѓански тужби со можност за високи парични и затворски казни за новинари и сопственици на медиуми. Најмалку 590 тужби за клевета биле покренати од крајот на 2014 година, неколку десетици од нив против новинари. Како последица, повеќе од половина од македонските новинари велат дека самите се цензурираат“, се наведува за Македонија во извештајот.

Македонија за 7 години има пад од 84 места на оваа ранг листа. Во 2009 година, според овој индекс, се наоѓа на историски највисокото 34-то место, а оттогаш секоја година забележуван е драстичен пад. Земјава најлоша позиција според овој индекс имаше пред две години кога се најде на 123-тото место.

makedonija RBG

Од балканските земји највисоко се наоѓа Совенија (40 место), Србија (59), Хрватска (63), Босна и Херцеговина (68), Албанија (82), Грција (89), Косово (90), Црна Гора (106) и Бугарија (113)

На прво место, најслободните медиуми, и оваа година се наоѓаат во Финска, а следуваат Холандија, Норвешка, Данска и Нов Зеланд.

Индексот на „Репортери без граници“ се пресметува според одговорите на прашалник кој го пополнуваат медиумски професионалци, правници и социолози од секоја земја. Прашањата опфаќаат посебни теми како: медиумски плурализам, независност на медиумите, медиумско опкружување и авто-цензура, законска рамка, транспарентност и  инфраструктура за подршка на медиумите. За податоци за злоупотреба и насилство врз медиумските работници организацијата има посебни тимови кои покриваат различни географски локации.