Репортери без граници: Македонија на 118 место, од вкупно 180 земји

Македонија годинава се најде на 118 место на листата на Репортери без граници, посветена на слободата на медиумите, од вкупно 180 рангирани земји. Ова претставува пад за едно место од минатата година.

„Клевета беше отстранета од Кривичниот законик во 2012 година, но обвиненијата се заменети со граѓански постапки, каде се можни големи парични и затворски казни за новинарите и за сопствениците на медиумите. Најмалку 580 тужби за клевета се поднесени од крајот на 2014 година досега, неколку десетици од нив против новинари. Како резултат на тоа, според анкетата на Македонскиот синдикат на новинари и медиумски работници повеќе од половина од новинарите во Македонија велат дека се цензурираат“, се вели во најновиот извештај на Репортери без граници.

Финска, Холандија, Норвешка, Данска и Нов Зеланд годинава се земјите што ја предводат листата и покажале одлични резултати во слободата на медиумите, додека најдолу на листата се Кина, Сирија, Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја.

Според Репортери без граници, слободата на печатот во 2015 година се влошила во целиот свет. Индексот го рефлектира интензитетот на напади врз слободата на новинарите и нивната независност од властите, идеологиите и интересите корпорациите во изминатата година.