„Репортери без граници“ деблокираа 9 цензурирани интернет страници

По повод Светскиот ден против цензура на Интернет, 12 март, „Репортери без граници“ ја започнаа операција „Колатерална слобода“ со која деблокираа девет цензурирани информативни веб страници во 12 земји, кои оваа организација ги прогласи за „непријатели на интернетот“. Се работи за банирани страици во држави како Кина, Русија и Саудиска Арабија кои стануваат достапни за нивните жители.

„Репортери без граници“ направи копии или „огледала“од 9 страници кои се банирани во 11 држави, дозволувајќи им на луѓето да ја прочитаат нивната содржина , јавува BBC.

Меѓу нив се „Tibet Post“ кој е блокиран во Кина и „Grani.ru“ во Русија.

Организацијата соопшти дека ќе го одржува интернет страниците неколку месеци како дел од операцијата „Колатерална слобода“. Оттаму велат и дека намерата е да им се обезбеди на граѓаните пристап до независни вести и информации.

Портпаролот на кампањата објасни дека се направени “proxy/mirrors” – реплики на веб сајтовите кои се ажурираат во реално време и се ставени на веб сервисот Аmazon.

Дополнително, копиите исто така се ставени на слични „облак“ платформи водени од Microsoft и Google. Ова значи дека информативните веб сајтови сега ќе бидат достапни преку адресите на технолошки гиганти, а не на сопствените адреси, поради што од организацијата се надеваат дека властите ќе бидат обесхрабрени во намерата да го блокираат пристапот до новите врски преку нивниот извор.

„Овие држави би можеле да ги блокираат сервисите, но речиси е сигурно дека нема да го сторат тоа”, смета портпаролот на „Репортери без граници“.

„Со блокирањето Аmazon, Microsoft или кој било друг голем компјутерски провајдер ќе бидат осакатени илјадници технолошки компании кои ги користат секој ден. Економската и политичката цена на блокирање на страниците ќе биде премногу висока.”

Со операција „Колатерална слобода“ се деблокираа и страниците Fregananews цензурирана во Казахстан, Узбекистан и Туркеменистан, Mingjing News забранета во Кина, Dan Lam Bao блокирана во Виетнам, Hablemos Press цензурирана на Куба, Gooya News во Иран, El Gulf Center for Human Rights цензурирана во Обединетите Арапски Емирати, како и Bahrein miror забранета во Бахреин и Саудиска Арабија.