Репортажа за Бугарија, една од најнепријателските држави во Европа за мигрантите

За некои, Димитровград е место каде завршува кошмарот. Малото гратче во источна Србија (6 000 жители) обично е незабележително место. Сместено во зелена долина, претставува мирно, провинцијално место, освен малата полициска станица поставена на рид, со поглед на градот. Овде, има постојан прилив на Ирачани, Сиријци и Авганистанци, кои секојдневно доаѓаат за да пријават злоупотреби од страна на полицијата во соседна Бугарија. Доколку и половина од тврдењата се точни, се чини дека Бугарија е најнасилната земја во Европската унија за мигрантите кои транзитираат, се вели во репортажата на „Политико“, објавена денеска.

Во текот на изминатата година, светот се навикна на фотографии од бегалци во портокалови појаси за спасување, кои пристигнуваат на јужниот брег на Европа во опасно преполни гумени чамци. Медитеранот однесе околу  3770 животи минатата година, според податоците на Меѓународната организација за миграција и многу бегалци почна да користат алтернативни патеки.

Последниот извештаи на Хјуман рајтс воч и Амнести интернешенел алармираа за безбедноста на бегалците, кои се обидуваат да влезат во Европа преку Турција и Бугарија. Постоеја наводи за насилство, вклучително и тепање, заплашување, кражби, незаконско затворање, па дури и убиство од страна на локалните полициски сили.

Али и Ахмед, два Јездиди од Ниневија, провинција во северен Ирак, седат во автобус, надвор од полициската станица на Димитровград, по завршувањето на регистрацијата. Тие се уште се тресат по неколкучасовното пешачење низ шумата за да стигнат во Србија. Облогите на нивните јакни се искинати, резултат на потрагата за пари од бугарската полиција, велат тие.

„Се обидовме на границата со Бугарија четири пати, и последниот пат беше успешен, но тогаш ја сретнавме полицијата“, рече Али.

„Тие пукаа во воздух, пуштија кучиња кон нас, а еден татко во обид да ја одбрани својата ќерка од кучињата доби ќотек од полицијата. Ни ги земаа телефоните што ги користевме за GPS и 200 евра од секој. Гледаа насекаде, дури и во нашата долна облека. Имаше еден човек со посебни потреби, кој не можеше да разбере што му кажуваат од полицијата, но тие сепак го претепаа. Ги слушнавме овие гласини за Бугарија, но Даеш (ИСИС) е на час и половина од нашиот град, не можете да се чувствувате безбедно“.

На бугарската граница со Турција долга 230 километри е поставена бодликава жица долж 70 километри, а остатокот е пресечен со потоци, густи шуми и карпести ридови. Сепак, мрежите за шверц со седиште во Истанбул, кои обезбедуваат превоз за одредени етнички групи, речиси сите бегалци кои пристигнуваат во Димитровград се курдски Ирачани и паштунски Авганистанци, се уште превезуваат дневно по стотици луѓе преку граница.

Меѓународната организација за миграција проценува дека само под 30 000 бегалци влегле во Бугарија во 2015 година, навидум мал процент од вкупниот број на пристигнати во Европа, кои надминаа милионска бројка.

Сепак, ниту една држава во ЕУ немала ниту приближен број на случаи на насилство извршено врз бегалците. Додека на континентот преовладува грижата за тоа како да се справи со непрекинатото доаѓање на луѓето кои бегаат од најлошите конфликти во светот, тешкиот пристап во Бугарија е тивко толериран, иако јавно не е одобрено.

Во декември 2015 година, британскиот премиер Дејвид Камерон, се состана со неговиот бугарски колега ( и поранешен телохранител на комунистичкиот диктатор Тодор Живков), позираа пред оградата на бугарската граница со Турција, и го пофалија граничниот режим дека е „витална работа“ за Британија, во запирањето на протокот на бегалци.

Во заедничкиот извештај на белградскиот Центар за човекови права и Оксфам, објавен во октомври 2015 година покажа дека околу 110 бегалци, консултирани во период од два дена, сите кои имале контакт со бугарската полиција, пријавиле некаков вид на насилство или изнудување. Бугарскиот заменик-министер за внатрешни работи Филип Гунев ги обвини невладините организации за користење на „погрешни методи за истражување“ и посочи дека бегалците можат да претеруваат или да ги менуваат нивните приказни, така што нема да се вратат во Бугарија врз основа на Даблинскиот пропис.

Во март 2015 година, бугарскиот Хелсиншки комитет објави дека двајца ирачки Језиди, кои бегале од ИСИС, и чии нозе беа скршени, наводно од бугарската полиција биле вратени во Турција од пријатели и не можејќи да се движат, смрзнале до смрт во зафрлено село.

Одговарајќи на обвинувањата дека неговата полициска сила употребила прекумерна сила, Гунев избра да се фокусира на статусот на бегалците и тврдеше дека Бугарија искоренува потенцијални закани за безбедноста во Европа.

„Кога се употребува сила за да се совлада една голема група на мигранти кои не ги посочуваат полициските наредби, да тоа се случува“, вели Гунев. „На месечна основа идентификуваме лица кои се поврзани или со терористички организации или радикални движења, или сочувствуваме со нив, странски борци и така натаму“.

ИСИЛ ги гледа Језиди како неверници и ги прогонуваат толку брутално што голем број семејства кои имаат средства, ги напуштаат Ирак и Турција, поради недоверба за живеење во муслиманско општество. Во ноември, минатата година, курдските сили, поддржани од страна на американските воздушни напади, ја ослободи престолнината на Јездиците Синџар, само за да најде голем број на масовни гробници на жени кои милитантите на ИСИЛ ги сметале за премногу стари за да бидат нивни сексуални робови.

Бегалците обично пристигнуваат во Димитровград во текот на ноќта, прво се регистрираат кај локалната полиција за да добијат документ кој им дава 72 часа за или да побараат азил во Србија, или да ја напуштат (речиси сите се одлучуваат за второто). Пред полициската станица, локалната српска мафија организира автобуси до Белград, наплатувајќи двојно повеќе од нормалната цена. Некои бегалци, кои наводно биле ограбени од полицијата додека ја преминувале границата со Бугарија, не можат да ја платат оваа цена. Тоа што останува се мала група на европски волонтери кои се жалат на мафијата да им дадат евтин превоз. Некои волонтери плаќаат и од сопствен џеб.

Настрана разговаравме за однесувањето на бугарските власти со Горан, бизнисмен од блискиот град Ниш, кој го надгледува работењето ан автобусите. За Бугарија тој рече:

„Тие не се однесуваат како што би очекувале да се однесува една членка на Европската унија“.

Волонтерите ги координира Тарек Мухурат, по потекло од Хомс, разрушениот град тесно поврзан со Сириската револуција, а сега српски жител. Тој вели дека преговорите со криминалците е непосакувано, но неопходен дел за овој процес.

„На мојот прв ден, дојдов во кампот откако добив повик со кој ме информираа дека полицијата ги тепа бегалците во дворот“, рече Мухурат. „Јас пристигнав и налетав на огромно момче кое го блокираше мојот пат, не полицијата, не локалците, тој никогаш не се претстави. Јас објаснив кој сум и тој ми рече: ‘Како би било да те убијам и да те вратам назад во Сирија во кутија’. Јас одговорив: ‘Всушност тоа би било одлично, дома не сум бил со години’. Тогаш ме пушти. Шегата е најдобриот начин“.

На крајот на оваа смена, Али Ирани, преведувач за српската полиција во Димитровград, си замина дома. Го следев надолу по ридот што води кон градот и почна да зборува за вознемирувачките приказни што ги слуша секојдневно.

„Тоа ме прави лут, но не можам да сторам ништо, треба само да ги слушам. Бугарската полиција само бара пари. Ако некој нема пари, мора да оди во затвор. Пред две недели момче ми кажа дека не му верувале колку години има. Има 16 години, а бил во затвор 80 дена. Има брада и изгледа возрасно, но е само дете. Освен тоа, пукаат во нив. Некои од мигрантите ми рекоа дека луѓе умираат по патот. Нивните тела сѐ се уште таму“, вели Ирани.

Може ли да ги потврди овие обвинувања? Али се тресе, закопчувајќи си ја јакната за да се заштити од студот.

„Не знам. Не сум го видел тоа. Само го кажувам тоа што ми го зборуваат луѓето, тоа е сѐ“.

Гунев објаснува дека полицијата има право да пука во воздух за да ги спречи бегалците натрапници.

„Имаме таква политика, особено кога има агресивно однесување, а има секој месец, граничната полиција истрелува куршуми за предупредување. Имаше случај кога дојде до инцидент, мигрант беше ранет и подоцна умре“.

На 15 октомври 2015 година, во бугарскиот град Џулево, близу до турската граница, Зијаува Вафа, 19-годишен Авганистанец, бил застрелан од граничната полиција и починал пред очите на неговиот брат, откако тој и 50 други мигранти биле најдени како се кријат под мост. Бугарските власти тврдат дека бил погоден од делче од куршум кое се одбило од земјата. Тврдат и дека се работело за „предупредувачки истрел“ откако групата „се противела“ и одбила да се потчини на командите.

Како најсиромашна држава во ЕУ, со стапка на невработеност која се движи околу 10 посто, и просечна плата од 300 евра, Бугарија не е посакувана дестинација за бегалците. Околу 99 посто од тие кои аплицираат за азил го прават тоа само како формалност откако се приведени од полицијата. Слично, барателите на азил немаат добри шанси во Србија, каде некои центри сѐ уште се дом на етнички Срби кои побегнале од Хрватска и Босна за време на војните во 90-тите. Можностите за вработување и интеграцијата се непостоечки и во двете земји.

Во Белград, на 330 километри оддалеченост, концертна сала пренаменета во камп е место каде бегалците многу често се упатуваат. Миксалиште се наоѓа на пет минути од автобуската станица, на брегот на Сава. Центарот е поддржан од локални невладини организации, а во него бегалците можат да најдат храна, лекови и облека, обезбедени од донации.

Омар, 21, студент на инженерство од провинцијата Баглан во Авганистан, ја тресе прашината од свечен кафеав капут, раскажувајќи за искуството во Бугарија.

„Кога полицијата ќе те фати, ќе ти земат сѐ – парите, мобилниот… Сѐ што имаш, дури и храната. Клоцаат, удираат со пендреци. Еден полицаец удри еден од нашите пријатели и му ја искрши ногата“.

Менаџерката на волонтери Александра Ѓурѓев зборува додека група Авганистанци си ставаат чај и играат фудбал во позадината.

„Гледам како се смејат овде, уживаат во разговорите, но кога почнуваме да ги прашуваме низ што поминале во Бугарија, има само тажни приказни. Не е невообичаено волонтерите да плачат многу на почетокот“.

Иако Министерството за внатрешни работи потенцира дека не се употребува прекумерна сила и изнудување, истражување од 2013 година на државната бугарска телевизија открило преку интервјуа со членови на граничната полиција, дека нивните надредени им даваат инструкции да ги „тепаат“ бегалците и „да ги враќаат назад“.

Според Гунев, поголем број од сведоштвата на бегалците за ваквото однесување на полицајците немаат специфична локација, и поради тоа е невозможно да се истражат.

„Мислам дека ако е ова масовен случај на злоупотреба, тоа значи дека илјадници мигранти биле злоупотребени, што би значело дека станува збор за некаков недеклариран криминал. Мислам дека има многу мали шанси за нешто такво“.

Веднаш до вратата на Миксалиште, мал бел шатор е поставен за да служи како соба за играње за децата бегалци. Со водени и мрсни боици, многумина од нив цртаат слики од нивната одисеја до Европа. Залепен на еден од ѕидовите, меѓу безбројните шарени шкртаници од ридови и преполни автомобили, еден цитат се издвојува, застанувајќи го срцето со детска искреност:

„Во Бугарија луѓето пукаат на сите, пукаат и на децата. Зошто? Ние не сме терористи“.

Ендрју Конели, новинар хонорарец кој известува за политиката во Европа и нејзините граници

Извор: politico.eu