[Репортажа] Водопадот Дуф – вистинско место за бегство од градот

Доколку сакате да избегате од жештините, високите температури, од градот, водопадот Дуф е вистинско решение за спас од горештините. На само педесетина километри оддалеченост од туристичкиот центар Маврово, сместен во реканскиот регион во селото Ростуше, се наоѓа оваа непроценлива природна реткост.

[Репортажа] Водопадот Дуф – вистинско место за бегство од градот

Оние што сакаат да го посетат треба пеш да поминат половина час за да стигнат до него од центарот на село Ростуше. Патеката која води низ Дуфскиот кањон се до водопадот е обележана, поставени се и клупи за одмор. Движејќи се кон водопадот Дуф, погледот запира на планината Бистра, реката Радика, а под вас се и прекрасните долнорекански села.

[Репортажа] Водопадот Дуф – вистинско место за бегство од градотВодопадот Дуф на Ростушка планина е дел од националниот парк „Маврово“ , на надморска височина од над илјада метри. Покрај водопадот, самата локацијата е специфична по благите климатски услови. Преку лето овде температурата во текот на денот се движи околу 20 степени, а просторот изобилува со бујна флора и фауна. Посетителите попатно можат да ги вкусат и природните јагоди, да соберат планински чај, но и да ги видат планинските љубичици кои се реткост на Балканот.

Самиот водопад е висок повеќе од 20 метри, а штом стигнете до него низ планинскиот и карпест предел, ќе заборавите на заморот од искачувањето по патеката и ќе уживате во незаборавната глетка. Поради влажноста на воздухот и кондензацијата се создаваат големи водени капки кои уште повеќе ја освежуваат температурата и даваат впечаток дека врне дожд, што пак може да се забележи на секоја фотографија од посетителите кои биле на водопадите.

Водопадот Дуф е креација на природата, кој настанува со спојување на водите на Голема и Мала река, некаде на два километри пред падот на водата. Водата паѓа од помеѓу двата карпести процепи, а исто така голема карпа се наоѓа помеѓу нив. Движејќи се кон водопадот, попатно може да се забележат остатоци од канали кои водат кон напуштена хидроцентрала, една од најстарите во Македонија.

20140607_132743

„Водопадите најмногу ги посетуваат странските туристи, а преку нив и светот дознава за Ростуше и водопадот Дуф. Сепак, голем е бројот и на домашни туристи и посетители“, вели жителка на Ростуше што ја среќаваме по пат.

[Репортажа] Водопадот Дуф – вистинско место за бегство од градотКако попатни дестинации кои можете да ги посетите патувајќи кон водопадот Дуф се изворот на реката Вардар во селото Вруток, туристичкиот центар Маврово, Бигорскиот манастир, а на десетина километри од Ростуше, во непосредна близина на Дебар се наоѓа манастирот Рајчица. По пат друштво ќе ви прави реката Радика која ќе ве плени со својата бистра и чиста вода и бујната и ретка флора и фауна.

Инаку реканскиот регион има долга и позната историска позадина. Селото Ростуше претставува спој на многу култури, етнитети, религии. Тука живеат Македонци, Албанци, Турци кои со векови заеднички ја градат културата и заедничкото живеење и кои љубезно ќе ве пречекаат и ќе ве угостат. Како што напоменуваат локалните жители, во текот на зимата водопадот замрзнува, а глетката тогаш е феноменална.

Кој го посетил водопадот Дуф со сигурност повторно се вратил во Ростуше, велат жителите на ова реканско село.

Бобан Костадиновски