[Репортажа] Водата им ги поплави куќите, а денес тонат во долгови

„Работев педесет години, за во рок од 30 секунди сè да исчезне“, се потсетува Стефче Насковски од скопската населба Ченто за ланската поплава која на само 7-8 километри од центарот на градот однесе 22 животи, а „парализираше“ повеќе населби.

Иако калта на улиците и бучавата од пумпите повеќе ги нема, останаа стравот и гневот. Една година подоцна, жителите сè уште не успеале да си ги повратат поплавените домовите, а постојано тонат во долгови. Радио МОФ ги посети истите семејства кои минатата година ни ги споделија своите приказни.

Стефче со своето семејство се вратиле во својот дом дури пред два месеци.

„Од државата земавме само 2000 евра, а сè ни беше уништено. Вода имаше насекаде, сè беше разрушено. Комисијата виде, ама…Парите ми стигнаа само за прозори и врата да сменам“, вели тој.

„Почнав пак од нула, излегов со мокри маица и панталони. Сега е криза, но ќе претрпиме“, додаде.

Поплавата целосно им ја уништи куќата, а за да ја санираат морале да земат кредит.

„Кога се даваше помош, доаѓаа од околните згради и си земаа додека некој е уништен, поплавен… Ова може ќе се случи и во друга населба. Да имам, зошто да не му помогнам на човек. Знам каква мака и стрес е тоа“, смета Стефче.

„Помош примија тие што не требаа, а нам навистина што ни требаше помош не добивме ништо“, видно изреволтирана се надоврза неговата сопруга Златка.

Дупките на ѕидовите потсетуваат на поплавата на 6 август. Насковски се надеваат дека нема повторно да им се случи истата судбина

„Сите зедоа по 4-5 илјади евра, дури и луѓе што не живеат во куќите земаа поголема помош од нас. Тоа е срамота. Што попрво да направиш со 2000 евра?“, праша таа додавајќи дека делењето помош се сведе по партиска линија.

Најголемиот дел од населбата се расчисти, но шут сè уште има. Граѓаните и понатаму имаат стари работи за фрлање, но немаат каде да ги фрлат. Велат, ѓубраџиите не го собираат отпадот.

„Со 2 000 евра што ќе покриеш“, вели Александар Трифунов, кој со своето семејство живее на улицата „Тодор Чопов“, или како што тој лани ја нарече – почетокот на катастрофата.

Приземјето од куќата сè уште е оштетено.

„Купатилото се уште се обновува, ѕидовите ги рушевме, во дневната сите врати се извадени…“, раскажуваше неговата мајка додека нè прошета во уништениот дел од куќата. Додаде дека со помошта од државата „успеале“ да реновираат само минимален дел.

„Сами си работиме, бидејќи за мајстори требаат пари“, забележа Трифунов.

„Ни дадоа помош колку да не сме без ич“, се надоврза неговата мајка.

„Сега горе живеам со нив, што да правам…, а млади се, и јас им пречам, и они ми пречат“.

На патот кон Стајковци, каде лани граѓани самоиницијативно се собраа и делеа храна на погодените семејства денес имаше поставено тезга со овошје и зеленчук. Сопственикот на робата не сакаше да зборува, но призна дека „се ежи секојпат кога ќе се сети“. Покажувајќи на календарот од својот мобилен телефон рече дека многу убаво се сеќава на датата кога се случи поплавата – 6 август.

Го посетивме и семејството Ѓемал, кои живеат во населбата Сингелиќ. Гаши Ѓемал, кој лани го затекнавме додека се обидуваше да ја исчисти колата, сега вели дека и двата автомобили отишле во неповрат.

Овој пат го сретнавме додека сакаше да земе воздух под сенката во својот двор, бидејќи во малата куќичка која претходно ја користел како дуќан, сега живеат четворица. Ѓемал е разочаран и гневен поради неправедното исплаќање на оштета.

„Во Стајковци делеле и по 10-12 илјади евра, кај нас ништо како што гледаш. Досега позајмив пари за куќата, но не стига. Едно купатило направив и толку.Очекуваме, ама кога не знаеме“, рече тој, иако делуваше како вербата одамна да го напуштила.

„Два автомобили ми отидоа од поплавата, апаратурата со која работам браварија едвај се спаси. Ни за тоа нема пари. Пуштија некои 1200 евра и направив ѕид, а пари должам колку сакаш“, појасни тој.

Ѓемал се уште ги чува сликите што ги направил од својот телефон денот по поплавата

На стотина метри од нив се наоѓа дуќанот на Ибро Исмаили, кој живее од поправање на бела техника.

„ Можеби за некого важи тоа дека ќе се вратат штетите, ама за мене не“, отсечно рече тој.

Најмногу е благодарен на својот пријател Трајче, за кој рече дека му помогнал да спаси барем дел од она што се поплавило. За него алатот е најважен, бидејќи од него го вади лебот.

„Што да правам? Ќе продолжам да работам, бидејќи јас не знам да крадам“, подвлече тој.

Луѓето одбегнуваат да зборуваат за несреќата. Велат среќни се што се спасиле и сакаат да заборават.

За Исмаили тоа било ужасен филм што никогаш нема да го заборави. Семејството Насковски се среќни што успеале да спасат жива глава. Ѓемал, пак, нè испрати со зборовите:

„Животот продолжува. Ние ќе треба пак да работиме за да преживееме“.

[Репортажа] Поплавените во Сингелиќ и Ченто: Нема никаква организација, помош само од свој човек

Емилија Петреска