Ретки видови птици, пеперутки, природен резерват и многу јаболки. Преспанското селото Езерани е вистинско место за бегство од урбаниот асфалт.
По рапавиот и тешко проодлив пат од североисточното крајбрежје на Преспанското езеро ќе пристигнете во селото Езерани. Во зависност од тоа во кој период одите (во нашиов случај за време на пролетното сонце), ќе ја почувствувате убавината на ова место – буквално кажано „на своја кожа“.
Прво што ќе ви падне во очи е селската кафеана каде овдешните жители водат разни политики низ шише пиво. Иако се чини дека луѓето овде се изолирани од остатокот на светот, тие знаат да ве изненадат така што некои работи ги познаваат подобро и од вас.
Низ разговор со жителите на Езерани за тоа како оди животот овде, тие ќе речат – „Животот си врви, но ние никаде не одиме“. Живеачката овде значи да се стане рано наутро, да се облечат во своите комбинезони и гумени чизми, да го запалат тракторот и правец на нива, бидејќи тие само од земјоделие и живеат.
Кафеаната во која што ги сретнавме селаните, кои со драга волја разговараа со нас, ја покажува состојбата во која се наоѓа селото. Заборавена и во времето, а богами и во просторот. Единствено што ќе најдете овде е покрив под кој би избегале од „пеколот“ на Данте Алигиери, неколку стола кои едвај се држат на своите излижени ногарки и расклатени клупи.
Од спротивната страна се наоѓа новото реконструирано училиште кое било руинирано пред да започне проектот за зачувување на Преспанското езеро кое го спроведува општината Ресен, УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), проект кој е предвиден да трае цели шест години. Селските куќи изгледаат токму како оние од народните приказни, а новите и убави викендички пак се доказ дека сепак постојат луѓе на кои ваквото место им годи кога ќе решат да избегаат од бурниот урбан живот.
На само неколку чекори од кафаната се издигнува црквата св. Илија, именувана според заштитникот на ова село, каде се празнува 2 август како традиционален празник на селото.
За време на нашата прошетка низ селото речиси и да не видовме младо население, само две-три девојчиња кои си ги возеа своите ролерки. Тие велат дека има и понекој млад човек останат во селото, но сите се зафатени со копање на нивите или со берење јаболка. Најголем дел од младите одамна прибегале во Ресен, Битола или пак во останатите поголеми градови.
Според надлежните во селото, Езерани е местото кое најмногу произведува големи количини на јаболка, но затоа пак се користат пестициди кои прават штета на природните капацитети од овој регион. Проблемот се јавува кога околното население ги фрла скапаните јаболка во Голема река, најголема река во Преспа, која тече од Буково кон Охрид, сè до Преспанското езеро.
Друга карактеристика по која е добро познато ова село е резерватот до кој пеш може да дојдете за само неколку минути. За овој резерват е карактеристичен далматинскиот пеликан, птица која е прилично ретка за овие краишта и кои според надлежните во Езерани, знаат да пристигнат околу 1 000 парови при што резерватот станува нивен дом. Тие овде се хранат поради поволностите кои ги нуди регионот и по два-три месеци го продолжуваат своето патешествие кон Европа и Азија.
Но, според жителите, резерватот не е веќе она што некогаш бил. Во него имало и неколку рибници кои уште повеќе ги привлекувале ваквите ретки птици, но тој веќе со години не функционира. Сега се прават напори резерватот да оживее во соработка на општината, УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), па наскоро ќе бидат поставени насоки и табли на кои туристите ќе можат да се информираат за местото.
„Паркот на природата“, како што го нарекуваат резерватот во Езерани е полн со најразлични видови птици од најпознати и најретки се неколку фамилии пеликани, а овде живеат и повеќе од 45 видови пеперутки.
Емилија Петреска
Фотографиите се на студенти од Високата школа за новинарство и односи со јавност