[Репортажа] Македонски студенти на четиридневна прошетка низ Париз

Нашиот пат кон градот на писателите, уметниците и сонувачите започна со две авионски карти во розова боја. Летовите од ВизЕр беа резервирани еден месец претходно (можат да се најдат и по цена од 100 евра повратен билет).  По слетувањето, распакувањето и брзите кроасан и кафе од првото бистро во Париз, веднаш започнавме со истражувањето на местото според однапред подготвената агенда.

Најдобрата опција за превоз за време на краток престој во Париз се купчињата од 10 карти кои чинат 7.5 евра и важат за метро и автобус. Во градот со раскошни градби, величествени градини и еден куп историја, експедицијата започна со посетата на најголемиот музеј во светот, стар повеќе од 200 години, музејот Лувр (Musée du Louvre). Предизвикот да се разгледаат околу 35.000 уметнички дела започна со километарска редица за влез. Откако завршиме со чекањето и се најдовме во домот на Мона Лиза, меѓу другото имавме можност да ги видиме најзначајните слики и скулптури од подрачјата на Древен Египет, Блискиот Исток и Римската империја. Сепак, големината на музејот и огромниот број посетители го ограничуваат времето кое што може да биде посветено на секоја слика одделно.

Картата во Музејот Лувр чинеше 15 евра, додека во Музејот на Оранжеријата изнесуваше 16 евра.

Картата во Музејот Лувр чинеше 15 евра, додека во Музејот на Оранжеријата изнесуваше 16 евра.

По завршувањето со посетата на Лувр, се упативме накај Mузејот на Oранжеријата (Musée de l’Orangerie) кој што е оддалечен петнаесетина минути пеш. Пред влезот имавме можност да се прошетаме низ раскошните градини Туилери (Tuileries Gardens) кои што ги поврзуваат двата музеи. Музејот, како и сите позначајни знаменитости во Париз, беше под силно обезбедување и посетителите подлежеа на неколку контроли. Иако најпознат по делата на Клод Моне, содржи дузина уметнички слики од правецот на импресионизам и пост-импресионизам кои што дефинитивно вредат да се погледнат.

Сместувањето во Париз претставува проблем и чини доста доколку не резервирате навремено.

Сместувањето во Париз претставува проблем и чини доста доколку не резервирате навремено.

Следниот ден повторно ни започна со кроасан и кафе, но овојпат со мерак и без брзање. Се упативме кон возот за Версај (Château de Versailles), дворецот кој што е оддалечен 20 километри од Париз. Раскошноста на попатните градби прави да се чувствувате минијатурно и ја одзема целата тежина на светот од градите. Версај, како симбол на апсолутната монархиј, кој што од мало село се претворил во престолнината на кралската елита, ќе ве остави без здив. Тричасовната колона за влез ни остави доволно време да можеме да го разгледаме дворот, градините и целата градба обложена со злато. За време на посетата можевме да го видиме луксузот во кој што живееле кралевите додека Франција тонела во беда, како и остатоците од подемот на Француската Револуција и конечно славењето на хероите од револуцијата. По излезот од палатата нè пречекаа огромните расцутени градини кои што водат до Големиот Трианон, помала палата во која престојувале жените на кралевите, нивните пријателки и женските деца. Големaта палата ни одзема добар дел од денот, по што единствено имавме време за посета на музејот на Пабло Пикасо кој што, во споредба со останатите знаменитости, претставува еден од помалите музеи. Во музејот се изложени најзначајните скулптури и слики на Пабло Пикасо, како и дел од неговата приватна колекција. Вечерта ја искористивме за прошетка по кејот на Сена и имавме прилика да пробаме киш лорен (quiche lorraine), традиционално француско јадење од регионот Ил де Франс (Île-de-France).

Целосната цена на картата која што ги вклучува палатата, градините и фонтаните изнесува 25 евра

Целосната цена на картата која што ги вклучува палатата, градините и фонтаните изнесува 25 евра

Третиот ден започна со патување кон северот на Париз во потрага по боемскиот дух на прочуениот кварт Монмартр (Montmartre). Искачувајќи се по уличката Rue de Steinkerque, дрвјата над нас ни ја открија прекрасната базилика Сакре Кор (Sacré-Cœur). За да стигнеме до неа, потребно беше да искачиме бројни скали по кои неретко беа седнати туристи кои уживаа во погледот и во музиката на уличниот харфист. Бидејќи Монмартр и базиликата Sacré-Cœur се наоѓаат на највисокиот рид во Париз, терасичките кои водат кон базиликата нудат воодушевувачки панорамски поглед кон целиот град. Иако не успеавме да влеземе внатре, поради временско ограничување, по задоволните лица на посетителите можевме да заклучиме дека Sacré-Cœur e исто толку убава од внатре колку што е и од надвор. Влезот во базиликата е бесплатен. Улицата која ја опколува Sacré-Cœur води кон тесните, калдрмени улички на квартот Монмартр. Шетајќи се низ него, може да се чуе Sous le ciel de Paris на хармоника и да се видат најубавите бои на Париз на платната на талентираните уметници. Несомнено, ќе добиете барем неколку понуди да ви биде насликан портрет кој може да чини од 15 до 50 евра. Нашaта прошетка заврши со café-crème во боемското кафуле Chèz Eugene. На околу петнаесетина минути од Монмартр се наоѓа улицата Пигал (Pigalle), позната по своите ноќни клубови, продавници за секс реквизити и кабареа меѓу кои е и култниот Мулан Руж (Moulin Rouge).

Десет метро станици на југ и стигнавме на почетокот на булеварот Шанз-Елизе (Champs-Élysées). Долж булеварот, може да се видат прекрасните париски згради со цветни терасички од ковано железо. Шамз-Елизе e исто така позната шопинг дестинација за љубителите на брендираната облека. Некаде на половина пат, застанавме да се засладиме со вкусните макаронси од Куќата Ладуре (Maison Ladurée), традиционална слаткарница која постои во Париз од 1862та година. На крајот на булеварот се наоѓа познатата Триумфална Капија (Arc de Triomphe), по чии ѕидови можевме да ги прочитаме имињата на храбрите борци во револуционерните и Наполеонските војни.

Во попладневните часови, се упативме кон Музејот на современата уметност. На самиот влез можете да уживате во шарениот мурал посветен на врската помеѓу човекот и електриката. Имавме можност да ги посетиме извонредните привремени изложби на Алберт Марке и Пола Модерсон-Бекер. Музејот нуди бесплатна апликација каде може во детали да се прочита за позадината и инспирацијата за одредени слики на германската уметница Бекер. Влезот во постојаните колекции на музејот е бесплатен, додека за привремените изложби се плаќаат дополнителни 12 евра. Вечерта ја поминавме во квартот Маре (Marais), познат по шареноликиот ноќен живот. Го посетивме клубот Le Perchoir Marais, кој се наоѓа на кров и нуди одличен поглед кон Париз. Покрај другото, можеше да се види и Ајфеловата Кула, која навечер светка секој час. Влезницата не се плаќаше, а коктелите чинеа од 10 до 15 евра.

Нашиот последен ден во Париз започна со посетата на операта Пале Гарние (Palais Garnier). Покрај оперските вечери, кои се прилично скапи, операта нуди и можност за туристите да ја посетат преку ден за само 7 евра. Раскошот со кој располага оваа палата ќе ви го одземе здивот. Само преку булеварот Хаусман се наоѓа стоковната куќа Галерија Лафајет (Galeries Lafayette), каде можат да се најдат најлуксузните брендови на облека и чевли. На врвот на оваа стоковна куќа има лежалки и столчиња од кои можете да уживате во сценскиот поглед на Париз. Нашата прошетка продолжи кон Ајфеловата кула, каде можете да се качите на вториот кат за само пет евра доколку имате помалку од 26 години. Иако редот е доста долг и бара трпение, она што ќе го добиете кога ќе се качите на Ајфеловата кула ќе вреди и повеќе од доволно.

Попладнето се шетавме низ Латинскиот кварт (Quartier Latin), каде има многу места што вреди да се видат. Први се Луксембуршките Градини (Jardin du Luxembourg), кои заедно со Луксембуршката палата биле дом на членови од кралското семејство. Градините се едноставно прекрасни: полни со фонтани и цвеќиња кои го одликуваат шармот на стар Париз, но и со терени за спорт и рекреација каде се забавуваат денешните Парижани. Особено интересна глетка беа една  група постари мажи кои играа партија петанк (pétanque), француска игра која вклучува погодување на едно дрвено топче со шупливи челични топчиња. Надвор од градините, може да се види огромниот кампус на Сорбона, како и кафулињата и библиотеките каде академските граѓани на Париз го поминуваат своето време. Прошетката по булеварот Сен-Жермен (Saint-Germain) нè доведе до култното Кафе д Флор (Сafé de Flore), каде Хемингвеј, Симон де Бовоар и Жан-Пол Сартр ги пишувале своите најгенијални дела.

Кафе во ова кафуле чини околу пет евра.

Кафе во ова кафуле чини околу пет евра.

Иако времето во Париз беше доста променливо и ветровито, нашиот четиридневен престој беше единствено исполнет со воздишки и воодушевување. Духот на Париз е нешто што секој мора да го искуси и затоа топло го препорачуваме на сите кои сакаат да го посетат.

Текст и фотографии: Кристина Маџоска и Вилдан Дрпљанин