[Репортажа] Лесновски вулкански приказни

Вулкански бомби-топки, воденични пештерски камења, Лесновскиот манастир и разни геоморфолошки структури се обележје за регионот на село Лесново. Активноста на тамошниот голем вулкан згаснала пред околу 20-ина милиони години, но лесновскиот кратер е еден од најсочуваните во регионот. Вулканот и неговите остатоци се уште живеат во синергија со локалното население. Функционираат заедно. Оттука и идејата да се оформи првиот геопарк во Македонија – спој на геовредности и културни уникатности.

Ваквата идеја беше и една од појдовните точки за група новинари, активисти, професори и локални добронамерници да се соберат, и заедно да го посетат Лесново и вулканскиот кратер. Идејата веќе подолг период е присутна низ агендите на граѓанските организации. Сугестии за нејзино реализирање стигна и од Европската мрежа на геопаркови, а сега наголемо почна да кружи и низ локалната самоуправа. Целта е наскоро да стане приоритет и на национално ниво.

14

Дискусиите за геопарк ги започнавме уште во комбе, на пат Скопје – Штип – Пробиштип -Лесново. Наш сопатник беше Ивица Милевски, доктор по географски науки при Институтот за географија. Тој со саати ќе ви зборува за лесновскиот кратер. Разни вулкански приказни. И никогаш не е досаден. Напротив. Ќе ви каже за бурното геолошко минато. За жестоките ерупции, со голема количина пепел, гасови и лавичен материјал кој летал во атмосферата и до 2-3 километри. Милевски ќе ви објаси за типичните геолошки формации, распространети во и околу селото – андезити, дацити…

Главниот центар на вулкансканската активност бил Илинскиот врв, висок 1.140 метри. Таму се исфрлало најголемо количество лава. Функционирал со фази на мирување околу 10 милиони години. И околу целата структура се создадени помали вулкански жаришта. Волујак, Драч, па се до патот што води западно од Злетово. Злетовската река, од другата страна, всечена е во тие карпи. Формирала клисура. Доле има и своевидно кањонче. Горе сино небо и свеж воздух. Сето тоа е уникатно и како појава, и за развој на туристички производ. Немајте гајле, сето ова нема да ве остави рамнодушни. Ќе барате уште храна за сетилата. Да-вај!

26

„Она што е важно за овој простор е соживотот со вулканските структури, обработката на камењата. Се ваделе од карпите, се носеле и до Солун и подалеку. Работата била прилично макотрпна, но луѓе долго време опстојувале и живееле на тој начин“, ќе каже професорот Милевски.

Манастирот на Свети Гаврил Лесновски

И со градењето на Лесновскиот манастир, овој простор имал посебен статус, дури и за време на Османлиското владеење. Па, нашата прва станица беше токму манастирот. На влезот жените мораат да облечат долги здолништа. Тоа е обезбедено од монасите, кои објаснуваат дека манастирот е секогаш отворен, за сите, во секое време. Ова повеќе важи во духовна смисла. Може да дојде било кој, ако има потреба да преспие во манастирските простории, но, сепак, не е ова сместувачки капацитет, туристички објект за терање одмор-шема.

Постоењето на манастирот, посветен на Свети Гаврил Лесновски, на повеќe начини претставува координативна точка во македонското постоење. Монасите ќе ви раскажат дека Свети Гаврил живеел во пештерите околу манастирот. Таму постел, се молел. По изградбата на црквата, Свети Гаврил се повлекува на молитва, во една ќелија на планината, на 3,5 часа пешачење од Лесновскиот манастир, на местото Оплов Рид. Таму ги минал последните 30 години од животот.

Според многумина, манастирот бил изграден кога Свети Гаврил се замонашил или пак по неговата смрт, кога се развил култот за подвижничкиот живот. Тоа би било некаде во 11 век. Денешнава црква е онаа возобновена во 14 век врз старите темели. Од тогаш датираат и фреските, кои се значително оштетени по Втората светска војна, кога биле прогонувани монасите, па немало кој да се грижи за манастирот. Монасите тврдат дека една од најголемите библиотеки во православниот свет била токму во Лесновскиот манастир, но сите книги се изнесени со Балканските и светите војни. Не се знае каде точно завршиле – во соседните земји, по приватни колекции низ Европа…

Она што го обележува манастирскиот простор е стара дудинка (црница). Таа е во дворот 600-700 години. Скоро седум века! Израсната е крстовидно, но едниот крак е искршен од старост. Ова е кревко дрво, но долговечно. Под него се забележува чешма, а целиот манастирски дел е облагороден со зелена, одржувана градина.  Монасите си наоѓаат работа.

Вулканско село

Во средината на кратерот, во вулканската структура, има формирано селска населба, која ги користи, или ги користела благодетите токму на таквата заграденост од сите страни, со повисоки возвишенија. Така да, на некој начин е природно заштитена, освен кон западната страна, каде Лесновската река го има пробиено кратерот и формирала долина.

Во Лесново моментално живеат 15-20 луѓе. Тоа може да се препознае по малиот број „зачадени“ оџаци низ селото. Тие се најдобар показател. Повеќе луѓе ќе забележите за време на викенди, за екскурзии, колонии, или кога поминуваат и преспиваат разни туристи, авантуристи, светски патници… Селото е отворено за сите. Дава позитивно напојување и за видендаши, и за оние што барем ден ќе избегаат од затруен бетонизиран град. Секако, посетители би се зголемувале со отворање на повеќе преноќувалишта.

„Етно-музејот Лесново е лоциран во старото училиште, кое е адаптирано за оваа намена во 2007 година. Училиштето има сместувачки капацитет за 12 лица. Пропратно со собите е опремена кујна. Во етно-музејот се стари предмети, сето она што го карактеризира Лесново. Има и училница. Секоја година овде се одржува традиционалната ликовна лесновска колонија. Колонијата годинава доживеа свое 25-то издание. 10-ина денови овде престојуваат и творат уметници. Освен осветлување на пештерите, на влезот, планирано е и изградба на летниковец за 70-80 луѓе, кој заедно со постоечкиот во местото викано Борја, ќе претставува капацитет за 150-200 луѓе. Би имало пропратни објекти, скари итн. Се’ правиме не само да ги привлечеме туристите, туку и да ги задржиме во Лесново“, раскажува пред новинарите Раде Илиевски, раководител на Одделение за јавни дејности при општина Прибиштип.

Музејот е соодветна туристичка станица. Не се одвојува од селскиот дух, куќичките, магарињата, и околниот карпест предел. Единствено во селото, се чини, „штрчи“ игралиште со фудбалски голови. Не се вклопува во целиот традиционален амбиентум. Не е познато зошто баш вакво бетонско игралиште, и зошто баш тука, сред село?! Малку е и морбидно што левиот гол се наоѓа на само дваесетина метри од гробишта. Непрецизен удар ќе изнуди прошетка низ гробови за да се пронајде топката. Сепак, ако гледаме од друг, подуховит агол, ваква ситуација може да допринесе фудбалерите повеќе да внимаваат и поконцентрирано да шутираат во рамки на голот. Директно во голман. За да не лутаат низ надгробни плочи. Плус, чудниот и апсурден спој на игралиште со гробишта можеби ќе ги заинтригира оние туристи-љубители на неконвенционални бизарни предели?! Барем овој дел го има раритетно чувство.

Кога сме веќе кај гробиштата, локалните муабети укажуваат дека низ Лесново постојат три локации со гробови. Односно, приказната е врзана за три браќа, секој со свое маало, па затоа овде постојат три гробници.

„Етно Лесново“ – кај тетка Весна

Тетка Весна е моторот на угостителството во селото. Поседува неверојатна енергија. Како „навиена“ е со муабети. Ако седнете во „Етно Лесново“ ќе ви каже дека за прв пат оваа година произведуваат зелка, со „капка по капка“. Од овошје има шипка, трнинка, дива јаболка. Тука ништо не е прскано. Подготвува слатко од тиква. Дива смоква од пештерите, рибизла, капина, џанка слива…

„Некои прават ракија, други џусеви. Храната е чиста, бидејќи и надморската височина е 888 метра. Зимите се прекрасни. Луѓето што се враќаат тука и грашок си произведуваат, исто и компири. Од се’ по малку. Тука малку е родот. Ние немаме поле, но имаме пештери. Секоја фамилија се знае од каде ќе го вади воденичниот камен. Секоја фамилија има ручница. По наше ја изработуваме солта – со пченка и разни чаеви што се печат, претежно се суши на дрвен шпорет, а потоа на ручници се меле. Гостите се уште ме прашуваат дали уште правам мали лепчиња. Нудиме и  посен ручек, слатко, чорби со коприва, зелници… Од Лесново сигурно нема да си одите гладни“, вели тетка Весна.

За неа интересни се празниците. Ги изброила. Точно се 28. Бидејќи се манастирско место, мештаните се собираат, има добра дружба, на маса компир зелка. Дел играа(т) фудбал. Жените се собираат… „Ние сме многу малку, но и да сме 5, ние гледаме да се дружиме“, раскажува Весна низ смеа.

Селскиот живот и годи. Шест часот кога удира камбаната се веќе на нога. Во осум повторно. Мобилни не носат, саати воопшто. Навечер се изморени. Сето дава само физички, а психички замор и е непознат поим. Исто како што не може да си сврзе во глава што би правеле да ги однесат во големи градови. „Сигурно нема да издржиме 24 часови. А, вие тука препородени ќе се вратите. Ластовичка, пчелка, вие ниту инсектите не ги гледате“, додава тетка Весна.

Таа има и еден куриозитет – со неа е и најстариот жител од овој крај. Баба Ката има неполни 95 години, чита без наочари и памти добро. Полна е со приказни. Таа е посмртче. Животот не и бил розев, но е сталожена. Селаните велат „седни до баба Ката и поучи нешто дур е жива“.

Пештери и топчест вулкански материјал

Она што нас не поучи професорот Ивица Милевски се пештерите. Во клисурата се издлабени 30-40 пештери. Дел се навистина големи. Некои од карпите се кршени од луѓето низ стотици години, други имаат специфични формации, па се сметале и за свети места.

„Во неколку од нив се формирани пештерски цркви. Има цртежи од икони, свети елементи… Тоа е дополнителна интересна карактеристика за овој простор. Монашкиот живот во еден период се одвивал токму во тие пештери, кои претходно биле користени за вадење на камења и екслоатација на цврстиот камен, кој пак, порано се користел за најголем дел од куќите, а дел и денес се изградени од тие вулкански камења кои се резултат, продукција на ерупциите од пред 15-20-30 милиони години“, вели Милевски.

Професорот не однесе и до локалитет на т.н. вулкански бомби, кај село Неокази, Пробиштипско. Тие се резултат на повеќефазна вулканска активност и жестоко исфрлање лава. Од тоа силно исфрлање, лавата потоа добила топчеста форма. Претпоставките се дека форма е добиена не само од исфрлањето во атмосферата, туку и при тркалањето од вулканскиот рид, надолу. Овие вулкански бомби, според сознанијата, се стари околу 10-15 милиони години. Составени се главно од андезитски карпи. Неколку од нив, десетина репрезентативни вулкански бомби се земени во повеќе институции – ПМФ, Природонаучен музеј.. Некои се полузакопани. Неколку искршени и при ископувањето на патот.

„Овој локалитет ќе биде заштитен со елаборатот каде се јавуваат типични, карактеристични бомби. По пресекување на патот, тие се повторно изнесени на површината, и претпоставуваме дека постојат уште многу вулкански бомби-топки кон внатрешноста. Со ерозија дополнително би се откривале нови и нови вулкански топки. Има многу вулкански топки во областа, но карактеристично за нив е што се мали. Најголемите примероци се метар, метар и нешто во пречник. А, оние цели, комплетни топки се околу 65 сантиметри во пречник, и со тежина до 400 килограми“, објаснува  Милевски.

Од сето ова, Милевски смета дека е веќе време Македонија да добие геопарк. Област со уникатни геолошки вредности како вулканската купа, со добро зачуван кратер.  Понатаму релјефните структури, сите вулкански врвови од каде се исфрлала лавата…

„Меѓутоа, геопаркот е спој и на биолошкиот диверзитет, па и на културните уникатности на еден простор. Така да, би било убаво ова да биде еден од првите геопаркови во Македонија, бидејќи искуствата со геопарковите во Европа и низ светот се многу солидни. Посебно за места кои се недоволно развиени, или потребен подинамичен развој, бидејќи носат можности за финансирање и развој на европско и пошироко ниво“, констатира тој.

Инаку, специфичната кампања во Источен плански регион за придобивките од прогласување на заштитени подрачја е подготвена во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП) -проект на Швајцарската агенција за развоји соработка (SDC) кој е координиран од Helvetas Swiss Intercooperation и Фармахем. Стратешки партнер на Програмата за зачувување на природата во Македонија е Центарот за развој на Источен плански регион.

Бојан Шашевски