„РеПлатформа“ – едукативно-уметничка соработка на предавачи од САД и студенти од ФМУ

Во рамки на програмата „Номад ту Номад“, која е активност на кореографката Искра Шукарова и дел од НВО Номад танц академија Македонија и Факултетот за музичка уметност на УКИМ, од 11 до 15 ноември предавачи гости се Чарлс Слендер Вајт и Лијан Бурнс од САД.

Тие ќе работат со студентите од отсекот за современ танц на Катедрата за балетска педагогија при ФМУ, на современиот танцов перформанс „РеПлатформа“, а петдневниот едукативно-уметнички процес студентите ќе го претстават на изведба в петок (16 ноември) во фоајето на ФМУ од 20 часот.

Новиот проект кој ќе го создадат заедно со студентите е инспириран од композициската рамка која Чарлс Слендер Вајт и Лијан Бурнс веќе ја имаат креирано како дел од нивниот современ танцов дует „Платформа“.

Главна цел на програмата „Номад ту Номад“ е да овозможи видливост на Катедрата за балетска педагогија при ФМУ преку прикажување танцов процес во соработка со реномирани педагози и кореографи од странство.

Досега беа реализирани неколку успешни перформанси на Шукарова како професор на ФМУ и кореографи од странство, како „Проект М” со Грегор Каминикар од Словенија и „Чудна шума” со Урсула Еагли од САД.