Ректорската управа на УКИМ бара повлекување на пакетот измени во образование

На итна седница која денесека се одржа Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ било решено да се побара одложување на процедурата за пакетот измени на Законот за високо образование со кои се воведува државен испит предложен од Владата.

Како што се наведува во дописот испратен и до министерот за образование Абдулаќим Адеми, текстот на законските решенија поставени на јавен увид и јавна расправа на порталот ЕНЕР врз основа на кои факултетите и институтите на Универзитетот расправаа, се разликува од текстот на законските решенија поставени во материјалите за седница на Собранието на Република Македонија.

– Новите одредби претставуваат суштински промени на текстот со што се наметнува потребата донесувањето на предложените закони да се одложи за да се овозможи поширока јавна расправа и дебата со законски и стручни аргументации, односно чинителите во високото образование – државата и универзитетите заеднички да имаат можност да расправаат и да одлучат за промените во високото образование кои ќе придонесат во обезбедувањето на квалитетот во оваа значајна општествена дејност;

Истовремено се заклучи дека за вакви значајни измени, рокот од ставањето на јавен увид на предложените законски решенија до ставањето во собраниска процедура е прекраток за учество на сите засегнати страни во насока на создавање на квалитетен текст кој се очекува како од страна на овластените предлагачи за донесување на прописи така и од другите чинители во остварувањето на високообразовната дејност, за што Министерството за образование и наука е известено со писмо, стои во заклучоците од Седницата.

На барањето се потпишани ректорот, проректорите и сите 23 декани и директори на институции што присуствувале на состанокот.