Ректорот на УКИМ ќе го тужи „Окно“ за сатира?!

Со писмо од адвокатската канцеларија Апостолски, која го застапува ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, од порталот „Окно“ се бара повлекување и извинување на „дадени изјави кои содржат навреди и клевети“ против ректорот.

Проблематичната статија за која се бара извинување е всушност сатирична статија, пара-интервју од рубриката Пара вести, а која е насловена „Интервју со Велимир Стојковски“ .

Во својот  одговор на ваквото барање, главниот и одговорен уредник на Окно, Никола Гелевски пишува дека не планираат нту да се извинат, ниту пак да го повлечат текстот бидејќи се работи за сатира.

„Во оваа пригода ве информираме дека станува збор за сатирична рубрика, Пара вести, и дека посоченото интервју е измислено, т.е. сатирично. Такви интервјуа и таков тип (пара)вести досега сме објавиле неколку стотици – и никој никогаш не барал повлекување или извинување бидејќи луѓето разбираат дека станува збор за хумор и сатира.

Ова е прв пат некој да ни се заканува со тужби за текст објавен во таа рубрика. Ви препорачуваме само бегло да ја прелистате рубриката Пара вести, за да сфатите дека речиси секој текст во таа рубрика е направен во стилот на сатиричното интервју со Стојковски.

Од тие причини, се разбира, не ни паѓа на памет какво било извинување и повлекување на текстот. Тоа е како да се извинувате за карикатура. Текстот е своевидна карикатура.

Нажален поради вашето неразбирање на сатиричен текст, поради неразбирање на јавната смисла на медиумите, а богами и поради загрижувачкото отсуство на смисла за хумор, ве поздравувам и ве молам да му го препратите мејлов на вашиот клиент, Велимир Стојковски“, вели уредникот Гелевски во својот одговор на писмото.