Ректорот Митрев ги повика професорите да го прекинат штрајкот

Ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“, Саша Митрев денеска на прес конференција ги повика тројцата доценти да го прекинат штрајкот со глад, бидејќи не се искористени сите законски нормативи за решавање на нивниот случај при избор на повисоко звање.

Ректорот Митрев ги повика професорите да го прекинат штрајкот

Според него, УГД и Економскиот факултет постапиле согласно решението на Инспекторатот и ги објавиле рецензиите заедно со мислењето од самоевалуацијата на ден 22.07.2014 година, пренесе МИА.

– Согласно законот мора да се чека 15 дена на можни приговори, односно најдоцна до 06.08.2014 година. Ако има приговори ќе бидат објавени веднаш во наредниот билтен, но не подоцна од 8 дена. Значи очекуваме Наставно-научниот совет на Економскиот факултет да се изјасни на ново гласање најдоцна до 14.08. Во оваа прилика ги известувам доцентите кои се во штрајк дека во никој случај нема да им прекине работниот однос се додека не заврши целата постапка согласно законот, рече Митрев.

Ректорот досега не ги посетил тројцата професори кои штрајкуваат со глад веќе две недели, бидејќи како што вели, не бил повикан, а со нив ќе се сретне откако ќе го прекинат штрајкот.

Здравствената состојба на тројцата професори од Економскиот факултет во Штип кои веќе две недели штрајкуваат со глад, од вчера драстично се влоши, при што мораше да интервенира и медицинска екипа. Кај професорите лекарите утврдиле тахикардија, вртоглавици и зголемено ниво на шеќер во крвта како последица на долготрајното изгладнување, па биле принудени да им дадат инфузија.

Веќе 15 дена професорите штрајкуваат со глад, незадоволни затоа што наспроти препораките на рецензентската комисија, Факултетот не ги унапредува во повисоко звање. Од вторникот кон штрајкот со глад се приклучија уште педесетина професори и наставници од раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).

Раководството на СОНК попладнево во 16 часот во просториите во Штип ќе има вонредна седница, на која ќе се одлучува како ќе се продолжи штрајкот.