Рекордна невработеност во Финска: 20.000 луѓе чекаат работа како доставувачи

Во Финска околу 20.000 луѓе моментално чекаат можност да работат како доставувачи на храна, во услови кога невработеноста достигна 10,6 проценти – највисока стапка во Европската унија.

Финските медиуми објавуваат дека дел од регистрираните курири ги изнајмуваат своите договори на други лица за сума од 450 до 900 евра месечно, или за третина од дневната заработка. Платформата Wolt потврдила за порталот Yle дека е запознаена со оваа практика и најавила мерки против злоупотребите.

Сепак, гужвата во доставата е само дел од поширок проблем на пазарот на труд. Иако околу 300.000 лица се без работа, истовремено недостигаат ИТ-стручњаци, лекари, медицински кадар и експерти за зелена транзиција. Според синдикатот Akava, во декември повеќе од 50.000 високообразовани лица биле невработени – најмногу во овој век.

Експертите посочуваат дека бавниот економски раст, како и трансформацијата на пазарот под влијание на дигитализацијата, автоматизацијата и вештачката интелигенција, придонесуваат за раст на невработеноста, особено кај младите и високообразованите. Повеќе од половина од невработените имаат вештини што не одговараат на потребите на новите професии, а 27.000 млади под 30 години никогаш не работеле.

Дополнителен удар врз економијата е падот на трговијата со Русија по војната во Украина. Во меѓувреме, доставата на храна најчесто ја вршат имигранти, додека домашното население ретко прифаќа вакви, како што ги опишуваат, тешки и слабо платени работи.

Извор: Jutarnji / Freepik