Рекорден дневен раст на новозаразени со Ковид-19 во светот – повеќе од 338.000, бележи СЗО

Светската здравствена организација (СЗО) вчера забележа рекордно зголемување на бројот на глобални случаи на коронавирус, соопштувајќи дека бројот на заразени лица се зголемил за 338.779 случаи за 24 часа, пренесува српски „Н1“. Бројот на починати се зголеми за 5.514 и сега изнесува над 1.05 милиони. Претходниот рекорден број на нови случаи беше на 2 октомври, односно 330.340 новозаразени.

Вчера беше активиран и планот за итни случаи во болниците во регионот на Париз. Откажани се годишните одмори и одложени се хируршките интервенции кои не се итни, додека бројот на пациенти со коронавирус сочинува речиси половина од сите пациенти на одделите за интензивна нега.

Дополнителни рестриктивни мерки поради загрижувачкиот раст на бројот на заразени ќе бидат воведени во уште четири француски градови, откако тоа беше сторено во Париз и Марсеј, соопшти министерот за здравство Оливие Веран.

Мерките кои предвидуваат затворање на сите барови и построги здравствени протоколи во рестораните, ќе почнат да се применуваат од сабота во Лион, Лил, Гренобл, Сент Етјен, додаде Веран.

Италија вчера евидентираше 4.458 нови случаи, соопшти министерството за здравство, и ова е првпат да се надминат над 4.000 случаи за еден ден од средината на април. Во истиот ден починале 22 лица, додека 31 лице починало ден претходно.

Бројот на заразени во Велика Британија вчера достигна рекордно ниво со над 17.000 нови случаи.

Седум дена по ред бројот на новозаразени е во пораст во Белгија, додека Германија објави најголем дневен број на нови инфекции од април.

Руските власти ги советуваа граѓаните да останат дома за викендот, откако во четвртокот беа пријавени нови 11.493 случаи, близу до рекордниот дневен број од 11.656 случаи во екот на пандемиајта на 11 мај, додека во сила беа строгите мерки за карантин.

Кремљ вчера соопшти дека зголемувањето на бројот на случаи е причина за „сериозна загриженост“ и им порача на граѓаните да ги почитуваат мерките или во спротивно ќе бидат воведени дополнителни ограничувања.

Во САД каде има најголем вкупен број на заразени и смртни случаи во светот, имаат најмногу хоспитализирани пациенти од Ковид-19, од почетокот на септември.