Рекорден број жени избрани во Претставничкиот дом на изборите во САД

Историски најголем број на жени се избрани во Претставничкиот дом на Конгресот на синоќешните избори во Соединетите Американски Држави.

Вкупно се избрани 99 конгресменки, кои го срушија претходниот рекорд од 84. Многу од нив со различна етничка и религиозна припадност и сексуална ориентација. Помеѓу новите членови на Претставничкиот дом беа избрани домородни Американки, муслиманки, Латино-американки, имигрантки, млади жени и ЛГБТ лица. Во трката за Претставничкиот дом имало вкупно 237 кандидатки на поголемите политички партии.

Изборите доаѓаат скоро две години откако жените маршираа во Вашингтон револтирани од изборот на претседателот Доналд Трамп.

Покрај бројот на избрани жени, изборите беа одбележани со уште неколку историски достигнувања. 29 годишната Алесандриа Оказио-Кортез стана најмладата жена која била избрана во историјата на Конгресот. Таа победи во Њујорк, водејќи ја кампањата под слоганот: „Жените како мене не би требало да се натпреваруваат за функција“.

Алесандриа Оказио-Кортез

Дебра Халанд и Шерис Давидс станаа првите домородни Американки избрани во Претставничкиот дом, додека Илхан Омар и Рашида Тлаиб се првите две муслиманки кои влегуваат во Конгресот. Омар која е бегалка од Сомалија и победи на изборите во Минесота, ќе биде и првиот член на конгресот кој ќе носи хиџаб.