Рекорден број на пожари оваа година во југозападна Европа

Пожарите кои уништија десетици илјади хектари шума во Франција, Шпанија и Португалија ја направија 2022 година рекордна по бројот на шумските пожари кога станува збор за југозападна Европа, соопшти вчера Европската служба за мониторинг на атмосферата Коперник (ЦАМС)

Поради долготрајните топлотните бранови кои доведоа до температурни рекорди, во Франција последните три месеци регистрирани се рекордно високи параметри на загаденост на воздухот со јаглероден диоксид предизвикано од шумски пожари од почетокот на мерењата во 2003 година, објави ЦАМС. Ова следува откако Шпанија минатиот месец забележа рекордни емисии на јаглерод од пожарите.

Од ЦАМС предупредија дека голем дел од западна Европа сега е во „екстремен ризик од пожар“, а некои области се во „многу екстремен ризик“.

„Го следиме зголемувањето на бројот и резултирачките емисии на шумски пожари бидејќи топлотните бранови ги влошија шумските пожари во југозападна Франција и на Пиринејскиот Полуостров“, рече Марк Перингтон од ЦАМС.

„Многу екстремните ризици од пожари кои се предвидени за големи области на јужна Европа значат дека обемот и интензитетот на сите пожари може значително да се зголемат, а тоа е она што го воочивме во нашите проценки за емисиите и влијанијата врз локалниот квалитет на воздухот“, додаде тој.

ЦАМС објави сателитски снимки на кои се гледа облак од чад во југозападна Франција кој се протега на стотици километри над Атлантикот.

Франција доби помош во гаснењето на последниот пожар, кој е широк 40 километри и принуди околу 10.000 луѓе да го напуштат регионот, со 361 пожарникар од европските земји, вклучувајќи ги Германија, Полска, Австрија и Романија.

Гледано глобално, досега 2022 година е четврта споредено по интензитетот на загадувањето на атмосферата со јаглероден диоксид предизвикан од шумски пожари.

Научниците велат дека топлотните бранови како екстремно жешкото и сувото време во западна Европа се многу поверојатно поради климатските промени предизвикани од човекот.