Регистрирани 66 нови случаи, 12 оздравени и еден починат пациент со коронавирусот

Во изминатите 24 часа регистрирани се 66 нови случаи на Ковид-19 информираат денеска од Министерството за здравство (МЗ).  Односно по градови, регистрирани се 27 случаи во Куманово, десет случаи во Скопје, шест случаи во Струга, пет случаи во Тетово, четири случаи во Прилеп, три случаи во Штип, Кочани и Охрид, по два во Неготино и Велес и еден случај во Гостивар. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја се искачи на 974 лица.

Од МЗ исто така информираа дека за пациентка на 76-годишна возраст од Скопје која пред два дена починала во болницата „8-ми Септември“ пристигнат е резултат на брис кој покажал присуство на Ковид-19.

Во меѓувреме, регистрирани се 12 оздравени пациенти од Скопје кои се лекувале во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје нема нов прием на пациенти, а таму вкупно се хоспитализирани 57 лица, од кои 14 на кислородна поддршка и шест на механичка вентилација.

„Во болницата ‘8-ми Септември’ примени се 6 нови пациенти, а вкупно хопситализирани 34. На респираторна машина се 6 пациенти, а 8 пациенти се со потешка клиничка слика. Во битолската болница, до утрово се хоспитализрани 5 пациенти, сите се во подобрена состојба и земени се први контролни брисеви кај 3 од пациентите. Денеска пристигнува уште еден пациент од Охрид кој ќе биде лекуван во оваа болница. На домашно лекување се следат 8 пациенти. Во болницата во Штип се лекуваат вкупно 8 пациенти, сите се стабилни а во домашни услови се следат уште 17 пациенти“, информираат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 9.762 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 500 теста.

* Направена е корекција на текстот. Во првичната објава Министерството за здравство имаше направено грешка во бројките на заразени за Охрид и Струга.