Регистрирани 25 нови случаи на Ковид-19, најголем дел во Скопје

Министерството за здравство информира дека во изминативе 24 часа се регистрирани 25 нови случаи на Ковид-19, 8 лица се оздравени, а двајца пациенти починале.

Во изминатото деноноќие биле направени 286 тестирања, со кои се покажало дека најголемиот дел од новите случаи со вирусот се во Скопје, односно 16, по што следуваат Тетово со 4 нови случаи, во Велес и Охрид по 2 случаи и Струга еден. Од осумте оздравени пациенти, седум се во Скопје, а еден во Прилеп.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациентка  од Куманово (60г), хоспитализирана на клиниката од 27 април. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Струга (59г), примен на 16 мај и пациент од Скопје (51г) хоспитализиран на 4 мај“, информираат од Министерството.

Со ова, вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјата, од почетокот на епидемијата, изнесува 1817, бројката на оздравени пациенти е 1301, на починати е 104, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 412.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни во изминативе 24 часа примени се 2 нови пациенти, хоспитализирани се вкупно 48 пациенти. Двајца пациенти се на механичка вентилација, 23 се потешко болни и на кислородна поддршка.

Во ГОБ „8 септември“ примени се 7 нови, а вкупно хоспитализирани 20 пациенти. На респиратор се 6 пациенти, со потешка клиничка слика се уште 2 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 7, на домашно лекување се следат уште 2 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 4 пациенти, нема пациенти кои се следат на домашно лекување. На ифективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово, Охрид и Прилеп се хоспитализирани  47 пациенти позитивни и сомнителни на Ковид-19“, информираат од Министерството.

Според дистрибуција по градови, најмногу активни случаи во моментов има во Скопје (152), Тетово (79) и Прилеп (63). Досега во земјата се направени вкупно 21722 тестирања на Ковид -19.

„Од вкупниот број на направени тестови во изминатото деноноќие, 124 теста се направени во рамките на скринингот во градинките и сите се негативни“, соопштија од Министерството.