Од вкупно 300 огласи за вработување објавени во април оваа година во 190 е забележана дискриминација, а во 48 огласи е направена дискриминација по повеќе основи, соопшти Комисијата за заштита од дискриминација.
Во 178 огласи е забележана директна дискриминација од страна на работодавецот, а во 12 индиректна. Во 162 огласи лице од одреден пол односно во 151 случај женско лице, додека само во 11 огласи е наведено дека тоа треба да биде машко лице. Во 64 случаи е наведена возраста како критериум за основање работен однос, додека во 20 огласи наведен е условот на испраќање лична фотографија.
Ова е дел од анализата од истражувањето што го направи Комисијата за заштита од дискриминација за праксата на објавување огласи за вработување со дискриминациони елементи.
Претседателот на Комисијата Душко Миновски, соопшти дека освен утврдување на фактите, целта на Комисијата, е и да даде и препораки како да се промени состојбата. Истражувани се неколку основи на дискриминација како пол, возраст, и личен и општествен статус, и тоа во 300 огласи објавени во април оваа година што биле објавени во неколку дневни весници, „Огласник 24 часа“ и веб страниците „Најди работа“, „Вработување“ и „Моја кариера“.
„Од вкупно 64 огласи во кои е наведена возраста како критериум за вработување, во 23 огласи се бара тоа да биде младо девојче, во 13 огласи возраста на лицето да биде до 40 години, а во два до 50 годишна возраст, во три до 30 годишна возраст, во два до 25 години, во два над 25 години, во еден до 45 годишна возраст, а во по еден оглас лицето треба да е младо момче и да биде постаро лице“, рече Миновски.
Според него, во 20 огласи од вкупно собраните наведен е условот на испраќање на лична фотографија во прилог на апликацијата за вработување. Таквата пракса, како што појаснува тој, претставува индиректна дискриминација по основа на личен и општествен статус. Предупредува дека личниот изглед на едно лице не треба да биде услов, односно критериум за вработување. Испраќањето на лична фотографија во прилог на апликацијата треба да биде избор на барателот за работа, додека физичките карактеристики на кое било лице не треба да бидат услов за вработување.
Во однос на тоа кој е работодавецот, Миновски вели дека во голем број огласи не се наведува работодавецот особено во огласите објавени во „Огласник 24 часа“. Околу 80 отсто од огласите се од приватниот сектор, но мора да се земе предвид дека поради изборите немаше огласи за вработување во администрацијата.
Во препораките и заклучоците, што ќе бидат доставени до Владата, се предлага воспоставување систем за контрола, мониторинг и евалуација во областа на работата и работните односи во процесот на барање работа, објавувањето на огласи за вработување со недискриминациони елементи, обука на новинарите, промовирање на Кодекс на однесување на работодавците, обука и стратегија за професионално работење, и да се промовира начинот на правилно објавување на огласи за вработување и критериумите за вработување. Анализата од извештајот ќе се достави и до организациите директно инволвирани во процесот на објавување огласи како Стопанската комора, Агенција за претприемништво, Агенцијата за времено вработување, Здружението на работодавачи, АВРМ и други.