Регионално истражување: Половина од родителите ќе го лекуваат своето дете ако е ЛГБТИ

Само 1 отсто од луѓето во Македонија знаат што oзначува кратенката ЛГБТИ (лезбејки, геј, бисексуалци, трансексуалци,интерсексуалци ), повеќе од половина од родителите сметаат дека ако нивното дете е ЛГБТИ треба да се лекува, додека дури 84% од граѓаните не поддржуваат Парада на гордоста. Ова се дел од резултатите од регионалното истражување на јавното мислење за ЛГБТИ кое летово се спроведуваше во Македонија и во останатите земји од западен Балкан.

„Иако за голем дел од резултатите на ова сеопфатно истражување на јавното мислење за ЛГБТИ во Македонија имавме изградено прилично точни претпоставки и очекувања, сепак, навистина е загрижувачки да се прочита дека мнозинството од луѓето овде сметаат дека си болен и дека треба да се лекуваш. Трендот на иселување на ЛГБТИ лицата од земјава и понатаму е во нагорен тренд, а насилството врз ЛГБТИ лицата како горлив проблем подеднакво се препознава и од страна на општата јавност, и од страна на самите ЛГБТИ лица. Клучниот заклучок од овие сознанија е дека ЛГБТИ лицата во голем дел идентификуваат дискриминација во сферите на вработување, полициска заштита и социјална заштита – области каде државните органи имаат надлежност и обврска да постапуваат и дејствуваат“, вели Антонио Михајлов од Субверзивен Фронт – здружение кое ги застапува правата на ЛГБТИ лицата.

Испитувањето на јавното мислење во земјава врз основа на стратификуван случаен примерок репрезентативен примерок, и на ставовите на ЛГБТИ лицата во државава преку пригоден примерок, покажува загрижувачки резултати за ставовите и перцепциите на населението за оваа ранлива и дискриминирана група на граѓани.

„Она што нам, како активисти, нè охрабрува и ни помага во креирањето на визијата за во иднина, е податокот дека третина од ЛГБТИ лицата во Македонија кои одговориле на прашалникот, сакаат да станат активисти за ЛГБТИ права, дека личниот контакт со ЛГБТИ лице значително ги редуцира стереотипите и предрасудите кон оваа заедница, и дека физичкото насилство врз овие лица е неприфатливо“, додава Беким Асани од ЛГБТ Јунајтед Тетово – организација која работи на омоќување на ЛГБТИ заедницата во Македонија.

Истражувањето го спроведуваше регионалната програма на Националниот Демократски Институт од Вашингтон во соработка со канцелариите на Ipsos Strategic Marketing во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора во јуни и јули оваа година.